ЦУП: 80 отсто од наставниците и 85 отсто од учениците се за прекин на ектерното тестирање

„Иако декларативна цел на екстерното оценување е проверка на објективноста во оценувањето од страна на наставниците, екстерното тестирање не придонесува кон пообјективно оценување и поквалитетно образование”, ова е заклучокот од спроведеното истражување на од страна на Центарот за управување со промени (ЦУП) и Зип Институтот кои спроведоа истражување во кое беа испитани мислењата на учениците и наставниците.

Од ЦУП соопштија дека според резултатите од истражувањето, 85 отсто од учениците и 80 отсто од наставниците се незадоволни од воведувањето на екстерното тестирање и сметаат треба да се прекине со неговото спроведување.

„Преку 2/3 од учениците сметаат дека наставниците реално оценуваат. Дополнително, цели 77% од учениците и 90% од наставниците сметаат дека оценката на наставникот подобро го изразува стекнатото знаење на ученикот. Во случаите кога оценката од екстерното се разликува од онаа на професорот, 58% од учениците и 65% од наставниците сметаат дека тоа се должи на несоодветните прашања“, велат од ЦУП.

Во однос на квалитетот на прашањата, од таму информираат дека само 5.8 отсто од учениците одговориле дека прашањата се одлично прилагодени со наставата.

„Прашањата кои се јавно објавени можат да бидат лесно научени дури и од оние ученици кои не учеле континуирано, а со тоа да се стекнат и со повисоки оценки. Ова би значело отстапување од оцената која ја става наставникот, па за да избегнат казна, наставниците настојуваат да оценуваат со средни оцени“, потенцираат од ЦУП.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека екстерните оценки имаат недостаток на валидност, бидејќи вреднуваат меморирање на податоци наспроти знаење, односно го тестираат само памтењето, но не и „разбирање, примена, анализа, синтеза, вреднување и творештво“, согласно критериумите за оценување на Бирото за развој на образованието, соопштија од ЦУП.

18 600 матуранти матуранти денеска го полагаа вториот предмет од екстерното тестирање. Промената во датумот на одржувањето на тестирањата беше поради одлуката за продолжување на зимскиот распуст. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 7-ми февруари.