ЦУК: Граѓаните ќе може да ги пријавуваат штетите и на мејл

Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до граѓаните кои не можат да добијат слободна линија на бесплатниот телефонски број за итни повици 195 да испратат податоци (име, презиме, телефонски број за контакт, точна адреса и краток опис на штетата предизвикана од земјотресот) на mail@cuk.gov.mk.

Екипи од Институтот за инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) заедно со претставници од скопските општини, денеска и во наредните денови ќе направат увид во станбените згради и во останатите објекти за домување каде што се пријавени штети, соопшти Одделението за односи со јавност и протокол на Центарот за управување со кризи.

До 11 часот, во Центарот за управување со кризи биле примени околу 300 јавувања за штети од земјотресот. Пријавите, како што посочуваат од ЦУК, во најголем дел се однесуваат на оштетени кровови, фасади и прозорски окна.

Вчера во Скопје беа регистрирани 12 земјотреси, а послаби земјотрес беа почувствувани и денеска, едниот во 11 часот и 50 минути, а другиот во 14:19 часот. Според Сизмолошката опсерваторија при ПМФ, земјотресите биле со магнитуда од 2,3 и 3.7 степени според Рихтеровата скала.

Најсилниот земјотрес вчера е регистриран во 15:10 часот со магнитуда од 5,3 степени по Рихтер, а епицентарот беше на 7 километри североисточно од Скопје.

Од ЦУК потсетуваат на Упатството за самозаштита на граѓаните од земјотреси кои што може да се преземе на следниот линк.