Црви што јадат стиропор би можеле да го решат проблемот со пластичниот отпад

Само во Соединетите Американски Држави, годишно се фрлаат 2.5 милијарди чаши направени од стиропор, кои многу тешко и долго се разградуваат во депониите. Само десет проценти од овој материјал се рециклира, додека остатокот предизвикува низа проблеми и ризици – од загадувањето на водата до труењето на животни.

Но, последните истражувања на универзитетите Беиханг од Кина и Стенфорд од САД, покажуваат дека е најдено можно решение за загадувањето со стиропор, и тоа во природата. Научниците дошле до изненадувачко откритие кое носи надеж: Брашнениот црв (Tenebrio molitor) може да се храни со стиропор, а во неговиот организам, бактериите успешно и брзо ја разградуваат пластичната материја, претворајќи ја во органски отпад.

Во студијата, на 100 црви им биле давани помеѓу 34 и 39 милиграми стиропор секој ден, од раѓањето до едномесечна возраст. Во рок од 24 часа откако црвите ја јаделе пластичната пена, тие успевале да ја претворат во јаглерод диоксид и измет, кој потоа се покажал како безбеден за користење како компост во земјоделството. Црвите останале здрави, а научниците сметаат дека оваа метода ќе може да се користи во рециклирањето на стиропорот.

Дел од научната заедница ја нарече оваа студија „најголемото откритие во науката поврзана со животната средина во последните десет години“.