Црвен крст на Град Скопје од утре (среда, 18 март 2020) започнува со активност наменета за обезбедување логистичка поддршка на ранливи целни групи на територија на Скопје.
Во функција ќе бидат ставени 10 мобилни тимови кои ќе бидат лоцирани на пет локации во градот, како и дополнителен тим за бездомните лица лоциран во Момин Поток.
„Мобилните тимови ќе функционираат секој работен ден, од 08.30 до 12.30 часот, а нивната задача ќе биде да извршат неопходна набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена и истите да ги достават до домовите на старите, изнемоштени лица кои живеат сами, хронично болните лица, до семејства со лица со посебни потреби, самохрани родители и други ранливи категории на граѓани кои живеат во Скопје“, информираат од Црвен крст.
Според Црвен крст, целта на оваа активност е да им се овозможи поддршка на лицата на која таа им е најнеопходна, со што тие нема да имаат потреба да ги напуштаат своите домови и на тој начин да се намали ризикот од инфицирање со вирусот Ковид-19.
„Мобилните тимови ќе бидат составени од две лица од тимот за одговор при катастрофи, еден член од тимот за логистика и едно обучено лице за давање основна медицинска помош (парамедик)“, велат од Црвен крст.
За повикување на мобилните тимови граѓаните ќе можат да ги користат следните телефонски броеви, според местото на живеење:
- Црвен крст Центар: 070/297-166 02/3115-029
- Црвен крст Кисела Вода: 070/379456 02/3211-417
- Црвен крст Чаир: 070/208383 02/2621-924
- Црвен крст Карпош: 070/226136 02/3068-806
- Црвен крст Гази Баба: 071/243078 02/2529-153
- Тим за бездомни лица 02/3096-227
Сервисната услуга што ќе ја обезбедуваат мобилните тимови ќе биде бесплатна, а граѓаните ќе одвојат финансиски средства само за артиклите или лековите кои ќе треба да им се набават.
Трошоците за функционирање на мобилните тимови ќе бидат покриени од Пивара Скопје, градот Скопје и општините во Скопје.
„Дополнително, од утре почнуваат да функционираат и две СОС-телефонски линии на Црвениот крст на Град Скопје, преку кои секој работен ден од 9 до 13 часот граѓаните ќе можат да добијат психо-социјална поддршка за полесно справување со стресот предизвикан од актуелната состојба“, соопштува Црвен крст.
Старите и изнемоштените лица на кои им е потребна психо-социјална поддршка можат да се јават на телефонскиот број: 075/352-246, а останатите граѓани на телефонскиот број: 071/379-119.
Овие активности се во партнерство со Пивара, а координирани и поддржани од градоначалникот на Град Скопје и од градоначалници на скопските општини.