„Црвената одајка“, мултимедијалната изложба на уметницата Ана Марковска

На 13 април во кафе книжарницата „Децата од нашата улица“ ќе биде отворена мултимедијалната изложба насловена „Црвената Одајка“, на академската уметница Ана Марковска. Изложбата, појаснува Марковска, е инспирирана од состојба на емоционално празнење на нејзиното алтер его.

„Да бидам попрецизна, Мадам е се она што не сум јас. Јас сум „обична невработена домаќинка“, завршив факултет ама се уште чекам на платата на својот сопруг за да си дозволам ситни задоволства, за разлика од Mадам која е финансиски независна од нејзиниот. Она што ми остави најголем впечаток е еден краток разговор со Мадам“, додава Марковска.

Изложбата се отвора во 20:00 часот.

Ана Марковска е родена 1988 година во Штип. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, катедра по ликовна педагогија, сликарска насока. Во 2010 година ја изложува првата самостојна изложба насловена “Ab Aeterno” во рамките на Штипско Културно Лето, а е дел и од изложбите на уметници аматери во Младински културен центар во Скопје.