Црна Гора ги „заклучи“ српските ријалити програми за да ги заштити малолетниците

За да ги заштитат малолетниците од штетни содржини на телевизија, во Црна Гора ќе биде ограничено емитувањето на ријалити програмите од Србија, пренесуваат црногорските медиуми.

Одлуката ја донела Агенцијата за електронски медиуми на Црна Гора на иницијатива на „Медија центар“.

„Со години телевизиите од Република Србија, преку кабелските оператори емитуваат ријалити програма во текот на целиот ден во која често се промовира насилство и говор на омраза“, посочил директорот на „Медија центар“ Горан Ѓуровиќ, кој ја поздравил одлуката.

Во одлуката на Агенцијата се наведува дека програмите кои можат да штетат на физичкиот, менталниот или моралниот развој на малолетната публика, во периодот меѓу 6 и 23 часот операторите ќе мора да ги пренесуваат „пинувани“, односно корисниците ќе можат да пристапат до нив само со користење на ПИН код.