„Црна дупка“ на Струмичкиот театар најдобра претстава на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, најмногу награди за „Иванов“ на МНТ

Претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а во продукција на Театарот „Антон Панов“ од Струмица ја освои наградата за уметничко остварување на претставата во целина, на 58. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ)„Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Покрај оваа награда, за претставата беа доделени и наградите, за женска епизодна улога на Анкица Бенинова за улогата на Сања и за главна машка улога на Васил Михаил за улогата на Силјан.

Претставата „Иванов“ на НУ Македонски народен театар од Скопје во режија на Зоја Бузалковска освои најмногу награди и тоа:

Награда за рекламен материјал – Зоран Кардула;

Награда за кореографија и сценски движења – Александар Зарапчиев и Нина Деан;

Награда за сценографија – Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска;

Награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ – Ѓорѓи Јолевски за улогата на Лебедев;

Награда за главна женска улога – Дарја Ризова за улогата на Саша;

Награда за млад актер „Трајко Чоревски“ – Григор Јовановски за улогата на Љвов;

Награда за режија – Зоја Бузалковска.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Претставата „Едвард Втори“ во изведба на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во копродукција со Драмски театар Масалитинов, Пловдив, Бугарија доби две награди и тоа:

Награда за костимографија на Симон Мачабели и Раде Василев;

Наградата за млада актерка на Јована Миладинова за улогата на Изабел де Валоа .

Ристо Вртев ја освои наградата за музика во претставата „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, а во изведба на Театарот „Војдан Чернодрински од Прилеп.

Наградата за современа сценска драматизација и адаптација се додели на колективот на претставата „Франкенштајн“ во изведба на Театар за деца и младинци – Скопје.

Специјално признание за колективна актерска игра доби ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од НУ Народен Театар Битола.

Оваа година не беше доделена наградата за современ драмски текст.

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Наградите на денешната прес-конференцијата ги соопшти меѓународното жири составено од претседателката Марина Миливојевиќ-Маѓарев, и членовите Марина Катниќ-Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ

„Сакаме да искажеме задоволство поради можноста да видиме разновидни театарски поетики и жанрови што покажува богатство на продукцијата на современиот театар во Македонија. Посебно сакаме да го нагласиме големиот број на актерски креации на сите генерации актерки и актери. Значајна вредност на фестивалот е инспиративниот театарски амбиент, каде клучен придонес даде публиката. Се заблагодаруваме на целата организација која ни овозможи ваков театарски настан, а посебно тука ги истакнуваме волонтерките и волонтерите“, рече актерката Варја Ѓукиќ.

Марина Миливојевиќ-Маѓарев истакна дека претставата „Црна дупка“ има хармоничен однос кон сите елементи на претставата.

„Сценографијата одговара на стилот на претставата, глумата е усогласена со стилот, режисерската е јасна, но не е наметлива, и тоа што е значајно што актерите беа многу професионални и не им влијаеа техничките проблеми што ги имаа. Тие многу одлучно ја водеа својата претстава. Тие покажаа дека ја сакаат својата претстава. И многу е важно да се посочи дека играа дело според авторот во фокус“, изјави Марина Миливојевиќ-Маѓарев

Наградите ќе бидат врачени вечерва на свечена церемонија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во 19.30 часот, а во чест на наградените ќе настапат Добрила и Дориан дуо.

Вечерва ќе биде соопштена и наградата од публика, што се воведе годинава, по пауза од повеќе години.

Симона Паскоска