ЦРМ:Продолжува трендот на тужби против новинари за навреда и клевета

Мониторингот на Центарот за развој на медиуми, покажува дека пред Основниот суд во Скопје, во првите три месеци од оваа година, поведени се 26 нови предмети за навреда и клевета, од кои дури половината, се однесуваат на новинари и на медиуми.

Во првиот квартал од 2015 година, ЦРМ следеше 33 судски предмети на 68 рочишта. Од донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во ноември 2012 година, до сега, завршени се 51 случаи за навреда и клевета против новинари, но поголемиот дел од пресудите сè уште не се правосилни односно во тек е жалбена постапка пред Апелациониот суд.

„Оваа бројка од 13 нови судски предмети за само три месеци, го потврдува трендот на континуирано поднесување тужби за навреда и клевета против новинарите односно го потврдува фактот дека новинарството е професија која најчесто се среќава низ судските постапки. Исто така, овој тренд, но и досегашната пракса, покажуваат дека судовите и судските постапки за навреда и клевета се еден од најчесто користените механизми за притисок врз новинарите и нивната работа“, велат од ЦРМ.

Центарот за развој на медиуми констатира и тренд на поднесување тужби на новинари против новинари. Драган Павловиќ Латас, во текот на 2014 година, на пример, поднесе низа тужби против новинари и медиуми, и тоа за пренесување информации од прес-конференција на политичка партија, поврзани со аферата Висарис. Во првиот квартал од 2015 година, Основниот суд Скопје 2 Скопје, го одби тужбеното барање на Драган Павловиќ Латас против Бранко Героски, како неосновано. Според ЦРМ, ваквата одлука на судот претставува добар пример за тоа како судовите треба да ги штитат слободата на информирање и слободата на изразување.

Во првиот квартал од 2015 година, правосилно се завршени само 3 предмети. Апелациониот суд ги потврди одлуките на Основниот суд и според Центарот за развој на медиуми, се придржуваше до Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Европската конвенција и праксата на Судот во Стразбур. „На ваков начин судовите воспоставуваат добра пракса која треба да ја применуваат во сите судски постапки односно и во постапките во кои се инволвирани политичари и функционери од власта. Досегашниот мониторинг на ЦРМ, покажува дека судиите правилно постапуваат единствено во судските случаи во кои нема политичари од власта, а целосно потфрлаат и користат двојни аршини во случаите кога се инволвирани функционери и претставници на владејачките партии“, велат од ЦРМ.