„Creed“ и „Snowtime“ премиерно во кино Милениум

Во киното Милениум премиерно ќе бидат прикажани филмовите „Creed“ и анимираната комедија „Snowtime“.

Продолжението на приказната за легендарниот боксер Роки Балбоа, филмот „Creed“ , во режија на Ryan Coogler, со Michael B. Jordan, Sylvester Stallone, Tessa Thompson, Phylicia Rashad во главните улоги.

Легендарниот Силвестер Сталоне се враќа во една од своите најпознати улоги, во улогата на Роки Балбоа, во филмот што е продолжение на приказната за нескршливиот боксер и неговиот голем пријател, Аполо Крид. Адонис Џонсон никогаш не го запознал својот славен татко, Аполо Крид, светскиот шампион во тешкa категорија, кој умира пред да се роди син му. Сепак, боксот му е во крвта, па Адонис тргнува за Филаделфија, каде што татко му го боксувал својот легендарен меч против Балбоа. Таму го наоѓа токму Роки Балбоа и бара од него да биде негов тренер. Иако се двоуми, Роки во него гледа сила и одлучност каква што видел и кај Аполо, па одлучува да го тренира. Набргу Адонис добива можност да се бори за титулата, но во рингот не е потребна само подготовка, туку треба да се има и срце на вистински боксер.

Премиерно на програмата следува и анимираната комедија „Snowtime“. Во главните улоги се Angela Galuppo, Mariloup Wolfe, Lucinda Davis, Nicholas Savard-L’Herbier, а режијата е на тандемот Jean-François Pouliot, François Brisson.

За да се забавуваат во текот на зимскиот распуст, децата во едно мало село организираат масовна борба со снежни топки. Лук и Софи, двајцата на возраст од 11 години, стануваат „генерали“ на спротиставените страни. Софи штотуку се доселила во селото. Нејзината група ја брани тврдината од групата на Лук. Тоа што треба да е детска игра, ќе се претвори во вистинска снежна борба, со оглед на тоа што Лук својата улога на водач ја сфаќа многу сериозно. Откако ќе се случи трагедија, натпреварувањето одеднаш завршува. Лук е свесен за својата улога во оваа тажна случка. Радоста се враќа на лицата на децата кога ќе одлучат дека е подобро заеднички да ја срушат тврдината отколку да се тепаат меѓусебно.