#COP25: Намалување на емисиите на стакленички гасови е возможно само со праведна транзиција

Подигнување на климатската амбиција на земјите значи соочување со предизвикот да се обезбеди транзиција на многу сектори во земјата. Намалување на емисиите на јаглерод диоксид и амбициозни национални придонеси кон климатски промени следени со закон за клима и стратегија за енергетика кои ќе имаат повисоки цели во намалувањето на емисиите на стакленички гасови подразбира дека заедно со целиот овој пакет мора да се изработи и национална стратегија за праведна транзиција.

Ова е главната порака од Шпанија како домаќин на конференцијата за клима годинава. Шпанската министерка за еколошка транзиција, Тереза Рибеира во неколку обраќања ја истакна потребата од национално планирање на праведната транзиција кое треба да биде дел од ревизијата на националните придонеси кон климатските промени на секоја земја како би ги направиле спроведливи во реалноста.

„Шпанија помина и низ период на одрекување. Многу луѓе знаеја дека рудниците ќе се затворат и дека ќе мора да се најдат други опции за вработувања. За ова време моравме да најдеме иновативни начини да ги зачуваме средините и вработувањата во овие општини. Ги насочивме сите финансиски средства возможно кон овие региони за да можеме да обезбедиме транзиција и економска стабилност“, објасни Рибеира.

Изминатите две недели преговорите на 25-тата Конференција за климатски промени се движеа со забавено темпо, а делегатите од земјите не успеваат да се договорат за правилата за имплементација на пазарите на јаглерод, меѓутоа и затварање на јазот помеѓу развиените и земјите во развој кога станува збор за обезбедување на финансии за загубите и штетите кои земјите во развој ги трпат од последиците од климатските промени за кои историски повеќе виновни се развиените земји.

Праведната транзиција е уште една од работите на кои само се повикува текстот за имплементација на Договорот од Париз наместо да создава обврска за земјите да го вметнат планирањето на праведната транзиција во националните придонеси.

„Претстојната ревизија на националните придонеси кон климатските промени е совршена можност за вметнување план и мерки за активирање на праведната транзиција“, дополни Рибеира.

Меѓународната организација на трудот (ILO) комплетно ја подржува праведната транзиција во земјите, со особени заложби за преквалификација на работниците и обезбедување на работни места за сите од регионите во транзиција. Оттаму имаат изработено план за вештини за зелена иднина фокусиран на кампања за информирање на јавноста, иновативен хаб за креирање политики за праведна транзиција и подигнување на капацитетите и подршка за владите и работниците во процесот.

„Ако ги менуваме животите на луѓето, прво мораме да го смениме начинот на кои размислуваат. Правилната и точна комуникација е клучна во праведната тразиција“, рече Гај Рајдер, генерален директор на Меѓународната организација на трудот.

Транзицијата кон одржлив развој со нула емисии ќе обезбеди и чиста животна средина и здрави граѓани, смета тој. Најновиот извештај за труд и социјала на оваа организација покажа дека 1.2 милијарди работни места, или 40% од вкупниот труд во светот зависат од чиста животна средина.

*Текст на Елена Николовска од #COP25 во Мадрид за Радио МОФ