#COP24: Климатските промени се најголемата закана за здравјето на луѓето

Врската помеѓу здравјето и климатските промени не може да се игнорира- двете се силно поврзани и превземањето активности за ублажување на климатските промени ќе значи спасување на 7 милиони животи годишно кои ги губиме само поради аерозагадувањето.

Пораката доаѓа од Светската здравствена организација за време на 24-тата конференција за климатски промени која се одржува од 1- 14 декември, оваа година во градот Катовице во Полска. На конференцијата земјите преговараат за начин на имплементација на Договорот од Париз и справување со последиците од климатските промени.

Една од нив е аерозагадувањето во градовите предизвикано од емисии на штетни гасови, меѓу кои јаглерод диоксид и црниот јаглерод кој е дел од токсичните материи во PM2.5 честичките и предизвикува низа белодробни заболувања. Црниот јаглерод е и причинител за забрзување на климатските промени поради неговата способност да апсорбира сончева радијација со што ја задржува топлината на земјата. Најголем извор на црн јаглерод се дизел возилата и загревањето на домовите.

„Постои силна поврзаност помеѓу климатските промени и здравјето. И пораката е дека треба да ја забрзаме енергетската транзиција. Знаеме дека ќе има транзиција, меѓутоа мора ги забрзаме и зголемиме нашите напори. Мора да ја мериме нашата амбициозност по тоа колку животи сме дозволиле да загубиме. Трошоците кои ќе ги имаме за да ја осигураме енергетската транзиција ќе ги надоместиме со финансиите кои ќе ги заштедиме во здравството“, рече д-р Марија Неира од Светската здравствена организација.

Специјалниот извештај на СЗО за влијанието на климатските промени врз здравјето на луѓето прави проценка на здравствените ефекти и трошоци од ефектите на климатските промени во светот. Покрај аерозагадувањето, оваа анализа вели дека поголема причина за загриженост е и неухранетоста на населението во светот бидејќи порастот на глобалните температури предизвикува намалување на жетвата и храна со помалку хранливи состојки.

Министерството за животна средина и просторно планирање вчера објави дека вредностите на ПМ10 честичките се надминати над 100 во два последователни дена и излезе со препораки меѓу кои и ограничување на движењето за најранливите категории на граѓани. Климатските промени влијаат и врз земјоделскиот сектор во нашата земја, поплавите во 2014 и 2016 предизвикаа огромна штета и загуби за земјоделците.

И покрај ова, Македонија останува земја која поголемиот дел од електричната енергија го добива од термоелектраните на јаглен- најголемиот извор на стакленички гасови во атмосферата и најголем виновик за климатските промени.

*Пишува Елена Николовска од Конференцијата за климатски промени