#COP24: Државите да преземат поамбициозни чекори за да ги ублажат последиците од климатските промени

Последниот извештај на Секретаријатот под рамковната конвенција за климатски промени на ООН покажува дека државите започнале со напори кон исполнување на обврските од Договорот од Париз, но овие напори не се доволно амбициозни за да ги ублажат последиците од климатските промени и постои простор државите да направат многу повеќе.

Вакви резултати покажува анализата на последните двогодишни извештаи за климатски промени на земјите. Извештајот зборува и дека земјите во развој се многу поамбициозни во достигнување на зацртаните цели за национални емисиии на стакленички гасови од развиените земји кои имаат простор да бидат поамбициозни.

„Нашата цел е да воспоставиме обврзувачки регулативи за да се осигураме дека ќе се постигнат целите зацртани со Договорот од Париз. Правилата за известување кои веќе ги имаме ни помагаат многу за да го осигураме ова.“ – рече претставникот од Европската Унија.

И чинителите од невладиниот сектор сметаат дека политиката се движи премногу бавно за да одговори на итноста на последиците од климатските промени. Од организацијата „Германвоч“ сметаат дека добар начин за да се натераат државите да ја зголемат амбицијата на акциите кои ги преземаат преку изнесување на случаи за последиците од климатски промени врз заедниците пред националните и меѓународни судови.

„Заштитата на животната средина e основниот минимум за да им овозможите на луѓето да ги уживаат своите права што ги имаат како луѓе“- објаснија од организацијата Friends of Irish environment.

Оваа организација е само една од повеќето кои во изминатата година ја тужеше својата држава затоа што со недоволна акција придонесува за опасни нивоа на климатски промени. Во тужбата тие се повикуваат на фактот дека одобрувањето на планот за митигација од страна на Владата на Ирска е прекршување на меѓународните обврски и договори меѓутоа и прекршување на Уставот на Ирска и човековите права.

Специјалниот извештај на меѓувладиниот панел за климатски промени кој беше објавен вчера испрати аларм за сериозноста во која се наоѓа Земјата во моментов и итноста да се преземат амбициозни акции за да се задржат глобалните температури под 1.5°C. Доколку државите не успеат во тоа, екстремните временски услови ќе се влошат со сериозни последици по храната и здравјето.

Пишува Елена Николовска од Самитот за климатски промени во Катовице