Conquering Lion вечерва ќе настапат на автономна зона

Вечерва, со почеток од 19 часот, во аулата на Филозофски/Филолошкиот факултет ќе настапи тетовскиот реге/даб бенд Conquering Lion како дел од програмата на автономната зона.

Иако веќе втор ден како студентите ја прекинаа окупацијата на Филозофски/Филолошкиот факултет, Машинскиот и ФЕИТ, Архитектура/Градежен и Техничкиот во Битола, продолжуваат активностите во автономната зона.

Во рамки на програмата, денеска предавање ќе одржат професорките Славица Србиновска, Маја Бојаџиевска и Ирина Талевска од Филолошкиот факултет „За позицијата на човекот пред вратата на Законот (Франц Кафка и Примо Леви)“, по што ќе активистот Славчо Димитров, од коалицијата за „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ќе зборува на тема „Политичкото, биополитики и тела на отпор“.

Студентите од Градежниот и Архитектонскиот факултет пак, денеска во 17.00 ќе одржат пленум на кој ќе одлучуваат кои ќе бидат претставници за наредните средби за законот, а ќе се даваат и идеи за идни активности.

Синоќа, во автономната зона настапи групата Фолтин како дел од хуманитарната акција што Студентски пленум ја организираше со цел се соберат донации за операција на срце што и е потребна на Теона, сестрата на малата Тамара од Велес која почина чекајќи решение од Фондот за здравство за да замине на операција во Турција.

За време на настапот, фронтменот на групата, Бранислав Николов им се обрати на студентите да продолжат со своите активности и да останат цврсти, будни и бунтовни.