Common Grounds – конкурс за млади балкански дизајнери

Common Grounds е насловот на конкурсот што го организира Балканската дизајнерска мрежа (Young Balkan Designers). На конкурсот можат да учествуваат млади дизајнери до 35 години од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Словенија, Србија и Турција.

Проектот ги повикува младите да го претстават наследството во најшироки рамки, почнувајќи од личното потекло и културата, до колективното наследство, како и да ја активираат вредноста на културните добра и да го инкорпорираат материјалното и нематеријалното наследство во својата работа.

На чело на меѓународното жири ќе претседава индустрискиот дизајнер Константин Грчиќ (KGID, Германија) кој ќе ги избере победниците на конкурсот. Останати членови на жирито се Жан Боелен,Z33 куќа за современа уметност (Белгија), Никола Радељковиќ, индустриски дизајнер (Numen / ForUse, претседател на Балканската мрежа за дизајн, Хрватска) и Јелена Матиќ (Шумарски факултет, Универзитет во Белград, Србија).

Учесниците ќе можат да се претстават со концепти за дизајн, производи (мебел, осветлување, елементи за ентериер, секојдневни предмети, куќна опрема, помошни производи), урбани услуги, рециклирани материјали, модна конфекција итн. кои нудат иновативни, но и рационални решенија за секојдневните проблеми.

На конкурсот, можат да се пријават групи автори или индивидуалци и секој учесник може да учествува со повеќе дела, а краен рок за да ги испратат своите дела е 28 февруари 2015 година. Тоа можат да го направат со пополнување на формуларот.

Оние дела што ќе бидат одбрани на конкурсот ќе бидат дел од двегодишната програма Young Balkan Designers која подразбира регионално дизајнерско натпреварување, меѓународна патувачка изложба и програма за мобилност и едукација за млади дизајнери. Исто така, авторите на трите најдобри проекти ќе посетат менторски работилници кои ќе бидат организирани во соработка со водечките регионални дизајнери и производители.

Балканска дизајнерска мрежа е платформа основана од хрватското дизајнерско друштво, „Public Rooм“ од Скопје и организацијата „Миксер“ од Белград, со идеја да даде стратешка поддршка во развојот и промоција на балканскиот дизајн, но и да ја подигне свеста за важноста на дизајнот во процесите на општествен и економски развој.