„Cleanroom“ – изложба на Марија Кировска

Во среда (24 декември) во Дом на култура „Кочо Рацин“ (Дом на градежници), со почеток во 19:30 часот ќе се одржи изложбата на уметницата Маја Кировска насловена како „Cleanroom“.

На изложбата ќе бидат изложени 5 комплексни дела, инсталации кои вклучуваат фотографии, графика, објекти, видеа и звук. Според Кировска, овој проект се нарекува „Cleanroom” или „Чиста соба”бидејќи го претставува терминот кој означува средина со контролирано ниво на контаминација од цврсти честички и се користи при производствената или истражувачката дејност.

Според неа, овој наслов го носи обединувачкиот елемент за сите дела прикажани на изложбата и стои како еден вид симбол за галерискиот простор каде 5 различни ситуации од секојдневието се извадени од контекст и се ставени за набљудување, интервенција и репарирање.

Едно од делата со наслов „Варијација на грешка” е направено од оштетени податоци од еден хаварисан хард диск, добиени со интервенција за спасување податоци која се врши во токму такви контролирани услови на чиста соба.

Сите дела во овој проект според уметницата претставуваат исползување на ефектите на некоја случајна ситуација. Овие ситуации се ставени во контекст на уметничко дело, со што нивниот карактер, или карактерот на условите што ги креирале, кој во реалниот живот може да биде позитивен или негативен, во извесна мера е променет и вака изменети тие се употребени како помошно средство за изразување на едно гледиште.