„Clair Obscur: Expedition 33“ е игра на годината според „The Game Awards“

Clair Obscur: Expedition 33 беше прогласена за игра на годината, освојувајќи рекорден број награди на овогодинешните The Game Awards.

Француската RPG-игра триумфираше во девет од десетте категории во кои беше номинирана, вклучително и наградите за најдобра нарација, најдобра музика и најдобра изведба.

Таа ја победи конкуренцијата од „Death Stranding 2“, „Donkey Kong Bananza“ од Nintendo, инди-игрите „Hollow Knight: Silksong“ и „Hades 2“, како и средновековната авантура „Kingdom Come: Deliverance 2“, освојувајќи ја главната награда.

За време на церемонијата во Лос Анџелес, играчите исто така добија прв поглед на две нови игри „Tomb Raider“, на продолжението Control Resonant, како и на нова „Star Wars“ RPG-игра.

„Clair Obscur“ е сместена во свет каде натприродно суштество, познато како „The Paintress“, спречува населението да порасне над одредена возраст.

Играта, која ја следи приказната на група авантуристи во мисија да ја уништат „The Paintress“, беше пофалена поради емотивната нарација и користењето на „turn-based“ борби.

Играчите ги освои и приказната на студиото „Sandfall Interactive“, создадено од група вработени кои ја напуштиле компанијата „Ubisoft“ за да го направат својот сон-проект.

Примајќи ја наградата за игра на годината, директорот Гијом Брош — облечен во црвена беретка и маичка со пруги, во чест на силниот француски идентитет на играта — изјави дека годината била „чудна временска машина“ за студиото.

Тој упати благодарност и до „неспоменатите херои“ во индустријата — „луѓето со туторијали на Јутјуб за тоа како се прави игра, бидејќи ние немавме поим како да направиме една пред да почнеме“.

„Clair Obscur“ беше големиот фаворит пред почетокот на наградите и најноминираната игра во историјата на церемонијата, со вкупно 12 номинации.

Нејзиниот композитор, Лориен Тестард, ја освои наградата за најдобра музика.

Ова беше негово деби како автор на музика за видеоигри, а беше откриен откако на својот SoundCloud профил објави колекција од домашно компонирана музика инспирирана од видеоигри.

„Clair Obscur“ убедливо победи и во категориите најдобра RPG-игра, најдобра независна игра и најдобра дебитантска инди-игра.

Три од нејзините номинации беа во истата категорија – најдобра изведба – а актерката Џенифер Инглиш ја освои наградата пред своите колеги Чарли Кокс и Бен Стар за улогата на Маел.

Актерката, која често зборува за тоа дека има АДХД, ја посвети наградата „на секоја неуродивергентна личност што гледа“.

„Clair Obscur“ пропушти само две награди за кои беше номинирана.

„Battlefield 6“ ја освои наградата за најдобар звучен дизајн, додека „Wuthering Waves“, акционо RPG во отворен свет, неочекувано победи во категоријата „Player’s Voice“, која ја гласаат фановите.

Ривалот за игра на годината „Donkey Kong Bananza“ ја освои наградата за најдобра семејна игра, а онлајн-шутерот „Arc Raiders“ победи во категоријата за најдобра мултиплеер игра.

Продолжението „Hollow Knight: Silksong“ беше прогласено за најдобра акционо-авантура, а аниме-инспирираната тркачка игра „Umamusume: Pretty Derby“ ја зема наградата за мобилна игра.

Втората почесна награда „Game Changer“ на церемонијата, воведена минатата година, ѝ беше доделена на организацијата „Girls Make Games“.

Оваа непрофитна група ги охрабрува девојките и младите жени да градат кариери во индустријата на видеоигри и организира летни кампови за учење програмирање и дизајн.

Ниедна церемонија на „Game Awards“ не поминува без појава на јавни личности, и оваа година не беше исклучок.

Актерот од „Stranger Things“, Дејвид Харбур, се појави на сцената за да најави нова стратегиска игра „Total War: Warhammer 40K“, а американскиот пејач Лени Кравиц официјално откри дека ќе биде негативец во претстојната „007: First Light“.

Иако честопати ги нарекуваат „Оскарите за игри“, „The Game Awards#, кои ги води основачот Џеф Кили, претставуваат мешавина од традиционална церемонија и шоу со трејлери.

Некои од најголемите развивачи во индустријата го искористуваат шоуто за да го прикажат надоаѓачки големите наслови, и се смета дека токму тоа е една од причините поради кои многу фанови го следат настанот.

Едно од најголемите најавувања на вечерта беше RPG-играта „Divinity“ од „Larian Studios“, студиото зад победникот за игра на годината во 2023 – „Baldur’s Gate 3“.

Развивачите ја најавија играта со мистериозна статуа која прво се појави во пустината во Калифорнија.

Иако претходно беше „протечено“ дека ќе има римејк на оригиналната „Tomb Raider“ игра, објавата за втора, сосема нова игра со Лара Крофт беше вистинско изненадување.

Фановите на „Star Wars“ добија прв поглед на две нови игри – „Fate of the Old Republic“, долгоочекувано продолжение на популарната „Knights of the Old Republic“ од 2004 година, и „Galactic Racer“, развиена од британското студио „Fuse Games“.

Актерската екипа од новата филмска адаптација на „Street Fighter“, со исклучок на раперот „50 Cent“, го претстави првиот трејлер.

Публиката виде и нова снимка од претстојната „Resident Evil 9“, што го потврди појавувањето на омилениот лик Леон Кенеди, како и од PS5-шутерот „Saros“.

„Game Awards“ во минатото биле критикувани дека даваат приоритет на рекламирањето наместо на самите награди, со тоа што говорите на добитниците често биле кратени, а презентациите во живо биле изоставени во некои категории.

Во 2024 година, шоуто доби пофалби за делумно адресирање на тие критики, но развивачите и понатаму го повикуваат организаторот Џеф Кили подобро да ги признае проблемите во индустријата, како што се големиот број отпуштања во последните години.

Оваа година, имаше реакции на одлуката наградите да ја укинат својата иницијатива „Future Class“ – програма основана во 2020 година за истакнување на „професионалци во подем“ во светот на видеоигрите.

Последен пат беше реализирана во 2023 година, кога сегашни и поранешни членови на групата потпишаа отворено писмо со кое ги повикаа наградите да се осврнат на војната меѓу Израел и Газа.

Во пресрет на овогодинешните номинации, откако беше потврдено дека „Future Class“ нема да продолжи, поранешни учесници ја обвинија програмата за „симболика без вистинска поддршка“ и за недоволно помагање во создавање контакти.

Минатата година, церемонијата додели нова награда „Game Changer“ на Амир Сатват, за неговата работа во помагање на отпуштени развивачи да најдат работа.