ЦИВИЛ: Злоупотребата на малолетници за спроведување акти на политичко насилство е крајно неприфатлива

ЦИВИЛ – Центар за слобода со згрозеност и најостра осуда ги следи изразите на политичка и етничка омраза и актите на политичко насилство. Сведоци сме на разбојничко однесување на самонаречени патриоти и бранители на идентитетот и суверенитетот на Република Македонија, велат од ЦИВИЛ.

Според ЦИВИЛ, индоктринацијата и злоупотребата на малолетници за спроведување акти на политичко насилство се крајно неприфатливи. Инспираторите на насилството во изминатите неколку дена, велат тие, мора веднаш да се повикаат на одговорност.

„Ги повикуваме институциите, пред сè, полицијата и обвинителството, веднаш да преземат законски мерки и да го спречат насилството. Ги повикуваме родителите и наставниот кадар да ги држат малолетниците настрана од политиката и од постапките со кои се поттикнува омраза и политичко насилство. Тие не смеат да дозволат децата и младите да бидат дел од страотните сценарија на структури кои само се обидуваат да ја избегнат правдата за криминалното владеење, злоупотребите и изборните измами“, забележува ЦИВИЛ.

Ги повикуваат лидерите на заедниците и совесните политичари на локално и национално ниво од сите партии, да излезат со јавна осуда на говорот на омразата и насилството. Сметаат дека тие мораат да излезат на терен, да разговараат со граѓанките и граѓаните и да ги повикаат на надминување на разликите преку разговор и аргументирана дебата.

„Инспираторите и организаторите на насилничките акти во кои се вовлечени малолетници ќе одговараат и пред јавноста и пред законот. Истовремено, Инспираторите на разбојничкото и вулгарно промовирање на етно-националистичката хистерија ќе бидат запаметени како деструктивни елементи кои ги подриваат темелите на земјата за кои лажат дека ги бранат. Тие ќе бидат повикани на одговорност и пред јавноста и пред законот! Фасадите паднаа одамна. Ги повикуваме сега да се соочат со последиците од своето криминално дејствување“, стои во соопштението на ЦИВИЛ.

Од таму, како потсетување, потенцираат дека високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ, непосредно по изборите на 11 декември 2016 година, излегоа со говори и декларации кои, според ЦИВИЛ, наликувале на нацистичките од 30-те години на минатиот век.

„Во меѓувреме, долгогодишниот владин компањон и соучесник на Груевски, Али Ахмети, ни оддалеку не придонесе кон надминување на експлозивната состојба во земјата, туку ѝ одеше во прилог на една деструктивна политика. Претседателот Иванов, со инфламаторен речник и без осуда за насилствата, уште еднаш го прекрши Уставот и на 1 март не го даде мандатот за составување на влада. Мора веднаш да се стави крај на насилството и на злоупотребата на малолетниците“, констатираат од ЦИВИЛ.