Цивил: Во Македонија не се спроведуваат слободни избори

Цивил – Центар за слобода спроведе истражување за изборните процеси, изборниот модел, нерегуларностите и притисоците со кои пошироката јавност во Македонија се соочува. На онлајн прашалникот на организацијата одговориле 568 испитаници, а спроведено е и истражување преку фокусни групи во пет региони во Македонија.

Од испитаниците, 61,6 % веруваат дека гласањето на избори е израз на слободната волја на граѓан(к)ите, а дури 92.4% од испитаниците сметаат дека во Република Македонија не се спроведуваат слободни и фер избори, пишува во извештајот. Во рамките на тоа, дури 95.1% од нив сметаат дека сиромашните и другите ранливи категории во општеството се уценети и се злоупотребуваат на друг начин, со цел да се принудат да гласаат за партиите на власт.

Дека администрацијата се злоупотребува во партиски цели, сметаат дури 96,5% од испитаниците, се наведува во извештајот. Кога станува збор за пречекорување на службените овластувања од страна на полицијата пак, 84% од испитаниците на Цивил сметаат дека тоа се случува, а 89,1% од нив не сметаат дека судовите судат праведно и според законот.

„Со ова доаѓаме до заклучокот дека мнозинството граѓани сметаат дека институциите на системот се злоупотребуваат од власта за нивните партиски цели“, велат од Цивил.

За „бомбите“ на опозицијата слушнале 97,9% од испитаниците. Од нив, 93,8% веруваат дека тие бомби се автентични, и 94,9% сметаат дека содржините упатуваат на криминално делување и злоупотреби на власта. Цивил додаваат и дека оттаму произлегува дека дури 91.9% од испитаниците сметаат дека е оправдано барањето на опозицијата за оставка на премиерот Никола Груевски. Меѓутоа, само 50.2% веруваат дека со оставка на премиерот ќе се промени начинот на владеење во Република Македонија.

„Според резултатите, 92.4% од испитаниците сметаат дека пратениците во Собранието на Република Македонија се контролирани од Владата. Исто така, огромни 96.7% сметаат дека и медиумите се под контрола на власта. Меѓутоа, 70% од испитаниците не се плашат да ја критикуваат власта“, додаваат од организацијата.

Иако на лично ниво, 81.7% од испитаниците во истражувањето тврделе дека ниеден претставник или активист на политичка партија не им ветил работно место или друга бенефиција доколку направат список со сигурни гласачи за таа партија, а дури 74.8% од нив познаваат некого кој добил такви ветувања, покажуваат резултатите на извештајот.

Мнозинството испитаници, поточно 63.6% сметаат дека Македонија треба да биде една изборна единица, а дури 70.2% од нив знаат што претставуваат отворени гласачки листи, заклучуваат од невладината.