Цивил: Референдумот во Дојран се одвива непречено, 21% излезност до 13 часот

Референдумот во Дојран се одвива непречено, со помали технички грешки, велат од невладината „Цивил“, кои го набљудуваат процесот. Според нивните информации, до 13 часот на гласање излегле 587 граѓани со право на глас, односно 21,37% од регистрираните гласачи. 

„Тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода и екипата на ЦИВИЛ Медиа ги обиколија осумте избирачки места на територија на општина Дојран и установија дека референдумот се одвива непречено, главно со почитување на стандардите и законот“, соопштија од организацијата.

Право на глас имаат 2.747 граѓани кои ќе имаат можност да се изјаснат на девет гласачки места (едно лице гласа во КПД Идризово). За референдумот во Дојран да биде успешен ќе треба да излезат најмалку 1.374 граѓани.

Референдумот беше распишан на барање на граѓаните кои стравуваат дека рудникот „Казандол“, но и потенцијалното отворање на рудникот „Башибоз“ на планината Беласица се еколошка закана по земјоделството, туризмот но и за Дојранското Езеро.

Дојран е трета општина од југоисточна Македонија која референдумски се изјаснува за прашањето на рудниците. Претходно успешни референдуми се одржаа во Гевгелија и во Богданци каде што жителите се изјаснија против отворање на рудници.

На 20-ти август референдум ќе се одржи и во Валандово, а потписи за распишување референдум беа собрани и од граѓаните на општините Босилово и Ново Село.