Цивил: Политичкиот притисок врз наставниот кадар се засилува

Од јуни до декември, истражувачкиот тим и долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ дојдоа до низа податоци и изјави за тоа како се врши континуиран политички притисок врз наставниот кадар во повеќе основни и средни училишта низ земјава, соопштија од оваа организација.

Тие велат дека дошле до сознанија за тешката состојба на наставниот кадар во пет поголеми општини надвор од Скопје, како и во четири образовни институции во главниот град.

„Наставниот кадар во последните години се наоѓа во сѐ потешка состојба, а притисоците кои се вршат ги доведуваат учителите и наставниците во основните и професорите во средните училишта во крајно понижувачка позиција. Овој извештај се темели на искази и документација кои ни ги дадоа наши бројни соговорници кои инсистираа на тоа да останат анонимни, бидејќи се плашат за своето работно место. Сепак, за признание е тоа што тие се осмелија конечно да проговорат и да ни помогнат да ја разобличиме крајно штетната политика и практика на власта која во целост го партизираше образованието во земјата“, соопштуваат оттаму.

Според Цивил, наставниците се соочуваат со голем број различни дискриминаторски постапки, притисоци, уцени и закани засновани на нивната политичката афилијација.

„Што се однесува до самиот систем на образование, забележлива е состојбата во која, наместо да си ја вршат својата работа, наставниците се пренатрупани со секакви административни обврски, а и се соочуваат со секакви притисоци, уцени и закани. Токму тоа ги поттикна и активностите на наставниците кои ги согледаа погубните образовни политики на власта и побараа да се престане со лошите реформи во образованието. Тие излегоа во поддршка на своите ученици, а голема поддршка добија и од родителите на голем број ученици, што беше евидентно од големите протести кои ги одржуваа кон крајот на 2014 и првата половина на 2015 година.

Но, наместо да им излезе во пресрет на учениците, наставниот кадар и родителите, власта побрза да креира валкана кампања против демонстрантите, а граѓанскиот активизам на наставниот кадар дословно го стави вон законот. Тие наставници кои што се осмелија да застанат зад барањата на учениците за подобро образование и против лошите реформи се соочија со притисоци, казни и груби етикетирања“, тврдат од Цивил.

Според нив, вработени во образовните институции се под притисок да составуваат листи со „сигурни гласачи“, како што е случајот со вработените во други делови на јавната администрација и јавните претпријатија.

„Поради својата „политичка неподобност“ и „непослушност“ кон партиски поставените раководители во училиштата, наставниот кадар се соочува со казни и отпуштање од работа, непродолжување на договорите за работа, драстично намалување на фондот на часовите, односно на платата. Освен од раководителите, „непослушните и неподобните“ наставници се надгледувани и често се под притисок од партиските војници меѓу своите колеги.

Власта врши контрола и политички притисок преку ресорното министерство, поточно преку Бирото за образование кое спроведува неевообичаено интензивни посети и инспекции. Вообичаено е таквите инспекции да се најавуваат, но тоа се прави само за „подобните“ наставници, не и на другите наставници.

Според нашите извори, во септември 2015 година, биле разрешени помошници директори и класни раководители во средните училишта, односно им биле одземени класовите, поради поддршката на Средношколскиот пленум“, соопшти оваа организација.