Цивил: Полициско изживување на скопскиот аеродром врз демонстрант од 5 мај

Со лисици на рацете, туркан и влечен, навредуван и малтретиран неколку часа на скопскиот аеродром. Наместо да се качи на авионот за Лондон, вчера попладне, Димитар Шошев заврши со лисици на рацете, објави организацијата Цивил.

Според оваа организација, се работи за еден од демонстрантите, приведени по протестите на 5 мај, за кои имаше експресно судење и му се изрече условна казна на 22 мај, по што бил ослободен, а потерницата распишана по него е потпишана истиот ден.

Шошев за Цивил изјавил дека пред полетувањето на авионот со кој требало да патува, полицајците со кикотење го однеле да види како полетува авионот. Му ја држеле главата во насока на авионот кој полетувал во тој момент.

Откако дошла потврдата дека не постои потерница по него, без никакво извинување, тој бил оставен на пат, со куферот кој му го вратиле видливо оштетен а авионскиот билет му пропаднал, информира организацијата.

Адвокатот Мирослав Вујиќ, кој го застапувал Шошев пред судот, за Цивил вели дека ова е груба грешка на Министерството за внатрешни работи, затоа што потерницата по Шошев била повлечена уште на 22 мај и дека биле должни да ја ажурираат во компјутерскиот систем веднаш.

Од Цивил – Центар за слобода остро реагираат поради ваквото однесување на полицијата и бараат одговорност за скандалот.

„МВР е должно да преземе одговорност за малтретирањето и да му ја надокнадат сета материјална и нематеријална штета на Димитар Шошев, почнувајќи од исплата на пропаднатиот билет и оштетените лични предмети, до негово обесштетување поради нанесена нематеријална штета“, велат од Цивил.