Цивил бара ослободување на студентите притворени за протестот на 5 мај

Здружението „ЦИВИЛ – Центар за слобода“ бара ослободување на студентите кои беа притворени по протестите што започна на 5 мај, по објавувањето на опозициската „бомба“ за Мартин Нешковски.

„Цивил бара веднаш да им се вратат телефоните на демонстрантите кои на 5 мај беа лишeни од слобода 24 часа. На демонстрантите по ослободувањето, им беа одземени телефоните со аргумент дека ќе бидат потребни за понатамошната истрага. Телефоните на притворените се земени без судски налог а тоа е кршење на закон. Цивил исто така, бара од ослободување на студентите од Студенскиот пленум за кои е покренато обвинение за кривично дело – учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“, се вели во нивното соопштение.

Утре во скопскиот основен суд, од 9:30 часот ќе започне судењето на девет лица, меѓу кои и студенти, кои протестираа пред Владата на 5 мај, потврди портпаролот на Основен суд 1 Скопје, Дејан Ристовски за Радио МОФ. Лицата се осомничени за „учество во толпа што спречила службено лице во вршење службена должност“.

Според податоците на Хелсиншкиот комитет, досега вкупно 15 демонстранти се во притвор, еден е во куќен притвор, едно лице е во бегство, додека вкупно 42 лица се приведени поради учество на протестот. Комитетот информираше дека од притворените, вкупно седум се студенти од кои двајца се членови на Студентски пленум.