Cinedays: „Ирационален човек“ на Вуди Ален и концерт на „Летечки пекинезери“

Во рамки на денешната програма на европскиот филмски фестивал „Синедејс“, кој оваа година се одржува од 12 до 21 ноември, ќе продолжат тематските работилници, проекциите на филмови, додека за музичкиот дел ќе се погрижи џез составот „Летечки пекинезери“.

Во кино Милениум, со почеток од 20 часот ќе се прикаже „Ирационален човек“ на Вуди Ален, кој претставува приказна за професорот по филозофија Ејб Лукас.

Во 22 часот ќе се прикажува „Ајзенштајн во Гуанахуато“, филм на Питер Гринвеј. Дејството во филмот се одвива во 1931 година и е приказна за советскиот режисер Сергеј Ајзенштајн, кој во екот на неговата уметничка моќ тој патува за Мексико за да го сними својот нов филм „Да живее Мексико“, откако претходно е одбиен од страна на Холивуд и е под огромен притисок да се врати во сталинистичка Русија.

Во киното Фросина се предвидени неколку проекции вечерва, меѓу кои „Хемотерапија“ во 19 часот, во 21 часот „Кучешко срце“ а во 22:30 филмот „Таткото“. Во 20 часот пак, предвиден е филмот „Обс – Сингапурска приказна“,музички документарен филм што се враќа низ времето за да стигне до креативниот процес на бендот The Observatory и неговите првобитни членови.

Програмата завршува со концерт на македонскиот џез состав „Летечки пекинезери“ во МКЦ во 22:30 часот, за кој влезот е слободен.