ЦИКП: Треба посебни мерки за самохраните родители и самовработените

КОВИД-19 предизвика глобална криза на јавно-здравствените системи и има потенцијал да влијае на најголемата досега глобална економска криза. И двете различно влијаат на мажите и жените. Досегашните мерки превземени и/или предложени до Владата имаат ефект на платениот и неплатениот труд на жените, детска сиромаштија, статусот на домување на самохраните родители и нивниот економски опстанок.

Ова се дел од поентите на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) во нивната анализа за преземените и предложените мерки за справување со влијанието на кризата.

Забелешките на ЦИКП се од родова перспектива, па нагласуваат дека имаат цел да го намалат родовиот јаз кај мерките кои се носат од Владата и кој истиот може да се јави во борба со кризата.

„Владата треба да воведе повеќе критериуми при развојот на мерките и да има посебни финансиски и нефинансиски мерки за поддршка на самохраните родители и самовработените како резултат на кризата“, нагласуваат од ЦИКП.

Исто така, потенцираат дека соработката со невладиниот сектор за помош на лицата со посебни потреби, старите, жртвите на насилство и самохраните родители треба да биде итно приоретизирана за ефективен одговор на состојбата.

Од ЦИКП, меѓу другото, посочуваат дека кризата ги засегна сите граѓани, но неминовно последиците различно ќе се одразат на различни луѓе и професии.

„Жените се мнозинство од тие што пружаат грижа, вклучувајќи платена грижа како здравствените работници, но и неплатена како грижата за семејството и домаќинството. Ова значи дека ризикот за изложување на КОВИД-19 е поголем за нив. Жените превземаат товар со мерките за затворање на училиштата и градинките, но и за грижа за постарите родители (особено тешко во услови на изолација и ограничено движење)“, стои меѓу другото во анализата на Центарот.