Циклонот Идаи однесе илјадници животи во една од најлошите природни катастрофи на јужната хемисфера

Циклонот Идаи, тропската бура која беснее во јужниот дел на Африка, е веројатно најлошата временска катастрофа која ја погодила јужната хемисфера, со 1,7 милиони луѓе во опасност во Мозамбик и уште 920.000 во Малави, изјавиле службеници од Обединетите Нации.

Бурата предизвикала поплави високи и до шест метри и предизвикале „неверојатно разурнување“ на огромна територија, рекол Лола Кастро, регионалниот директор на Програмата за храна на ОН.

Херв Верхосел, кој е исто така дел од Програмата, смета дека ситуацијата претставува огромна хуманитарна вонредна ситуација, која се зголемува со секој одминат час. Тој вели дека многу луѓе од регионот се качени на крововите или на повисоки места во пристанишниот град Беира, а од ОН се обидуваат да спасат колку што е можно повеќе луѓе, истовремено доставувајќи храна, вода и ќебиња по воздушен пат.

„Луѓето кои се гледаат од воздух можеби се најсреќните и нашиот главен приоритет е да спасиме колку што е можно повеќе. Реките Пунге и Бузи во Мозамбик се преплавиле и предизвикаа земјени океани кои се протегаат со километри и километри во сите правци“, рекол Верхосел.

На циклонот му претходеле обилни врнежи, а браните достигнале меѓу 95 и 100 проценти од капацитетот.

„Доколку се остварат најлошите стравувања… можеме да кажеме дека ова е едно од најлошите временски катастрофи на јужната хемисфера“, изјавил портпаролот на Светската метеоролошка организација.

Од Црвениот крст изјавиле дека бројот на загинати луѓе во Мозамбик веројатно ќе се зголемува значително. Снимки од дрон, објавени на интернет, покажуваат куќи во пристанишните живеалишта кои се тресат од силниот ветер.

„Работиме заедно со НАСА и Европската вселенска агенција за да добиеме сателитски информации со кои би имале целосна слика за територијата која е опфатена и бројот на луѓе кои се заробени. Со оглед на големината на овие места, очекуваме бројот на жртви значително да се зголеми“, вели Каролин Хага, специјалист за вонредни комуникации во Црвениот крст.

Официјалниот број жртви во Мозамбик засега е 84, но претседателот Филипе Нјуси вчера соопшти дека ги прелетал некои од најлошо погодените места и видел тела како пловат во реките. Според неговите процени, загинале повеќе од илјада луѓе.

Во Зимбабве потврдена е смртта на 98 лица, а преку 200 се водат за исчезнати, соопштиле владините служби.

„Ова е најголемата природна катастрофа која некогаш го погодила Мозамбик. Сè е уништено. Нашиот приоритет во моментов е да спасиме човечки животи“, изјавил министерот за екологија, Келсо Кореира.

Циклонот Идаи започнал како тропска депресија во Мозамбискиот канал на 4-ти март, со обилни врнежи над Мозамбик и Малави, пред да се врати источно кон Беира, кога се претворил во циклон. Паралелно уништил дел од територијата на соседната држава Зимбабве.

Циклонот ќе има многу поголеми последици покрај поплавите. Земјоделците во регионот требало да ги жнеат нивите со пченка токму кога започнал циклонот и многу од посевите се уништени, што ќе значи распространет глад најмалку во следната година.