Чувството да се биде родител на хомосексуалец на Балканот

Не е само геј популацијата на која ѝ е потребна поддршка, помош и разбирање во моментите кога на родителите им се соопштува веста за нивната сексуална ориентација. Стручна и секаква друга помош им е потребна и на нивните родители коишто не знаат како да реагираат и да се справат со фактот дека нивното дете е поинакво и дека така ќе продолжи да го живее својот живот во хомофобично општество.

За ова зборуваа родителите, лицата од ЛГБТ заедницата и оние коишто го поддржале панелот што се случи во пресрет на парадата на гордоста во Црна Гора, минатата недела во организација на невладината организација „Јувентас“ и „Квир – Црна Гора“.

Загрепчанката Елеонора Катиќ е мајка на три деца меѓу кои е и 24-годишниот Роко. Тој е геј, а вистината за својата сексуална ориентација ја соопштил уште на 13 години.

Таа вели дека го прегрнала и го смирила неговото плачење и му пружила целосна поддршка, а потоа од своите геј пријатели побарала да ѝ одговорат на некои прашања коишто не успеала да му ги постави на својот син.

„Првата работа што ја направив е што повикав пријател и му реков дека имам нешто да му соопштам – Роко ми кажа дека е геј. Го прашав од каде знае дека е геј. Тој ми одговори дека знае од секогаш, од кога знае за себе“, вели Катиќ.

Сепак, Елеонора признава дека на почетокот била вознемирена.

„Следната реакција којашто апсолутно верувам дека е присутна е чувството на страв за своето дете во врска со тоа на што ќе биде изложен во секојдневниот живот, колкава е шансата да го натепаат затоа што изгледа поинаку“, рече оваа мајка.

Даниел Калежич е претставник на невладината организација „Квир – Црна Гора“, но овојпат тој не зборуваше за активизмот, туку за својот живот како геј личност. Тој вели дека долго се криел како и сите други, од пријателите и од семејството бидејќи не сакал да се доведе до ситуација да остане сам.

Еве на што се сеќава кога им соопштувал на своите родители дека е геј:

„Како што сè повеќе добивав поддршка од пријателите, така сè повеќе се чувствував похрабар и полека почнав да се отворам пред семејството. Тој процес траеше, тој процес на средување на односите меѓу нас трае и денес. Понекогаш е турбулентно, понекогаш е во ред, понекогаш е вака или така, но мислам дека на крај ќе си дојде на своето. Она за што жалам е на изгубеното време, се губи тој интимен однос меѓу нас, а тоа е нешто што времето не може да го врати“, рече Калежич.

Родителите во Црна Гора и во регионот различно реагираат на веста дека нивното дете е геј.

„Реакциите на родителите варираат од осуди и одбивање, до случаи кога сме имале привремено напуштање на куќата додека не се смират страстите. Имавме случаи каде што мајката прифатила, но тешко се справува со фактот дека нејзината ќерка е геј бидејќи смета дека никогаш нема да има внуци, сè до случаи каде што мајката бара некој што„ќе ја излечи нејзината ќерка “од „болеста“ за да не се засрами фамилијата“ вели Јелена Чолакович од невладината организација „Јувентас“.

Катиќ им дава совет на родителите што се во иста ситуација.

„Кога имам проблем, барам помош. Ако имаш проблем, тогаш реши го на местото каде што тој проблем се решава, а тоа е психолог или психијатар. Тоа се луѓе коишто се школувале за да ни помогнат“, вели таа.

Поддршката за родителите на припадниците на ЛГБТ заедницата доаѓа ден пред втората парада во Црна Гора.

Владата на Црна Гора побара од сите министерства да испратат свои претставници на парадата, а меѓу оние коишто ќе бидат дел од прошетката во недела се и шефот на европската канцеларија во Подгорица, Митја Дробниќ, амбасадорот на Холандија во Црна Гора, претставници на американската, на британската и на некои други амбасади како и гости од регионот. Настанот ќе биде надгледуван од 1 800 полицајци.

Извор: RSE