„Church stage“, петта бина на Д Фестивал за нов магичен концертен амбиент

„Church stage“ е насловена петтата бина на која ќе настапат музичарите на Д Фестивал, позиционирана во црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран, на падините над фестивалскиот камп. Катедралниот храм денес е во фаза на целосна реконструкција, а точно 100 години од неговото разрушување и во рамки на музичкиот маратон Д Фестивал го оплеменуваме со префинетиот звук на музичките уметници кои ја одбележуваат современата култура на Македонија.

Првиот фестивалски ден (петок, 15 јули) е резервиран за настапот на Елена Христова, пејачката на етно-составот Баклава кој остава маркантна трага со својот уникатен фундаментален пристап кон изворната музика и песна. Во оваа пригода свилениот вокал на Елена Христова ќе го надополни и виртуозот на канон, Ибрахим Џенгис.

За магичниот музички амбиент во храмот во сабота (16 јули) задолжена е групата Љубојна која ќе ни го претстави проектот Акустично Глаголицање или Љубојна на тацна. Годинава Љубојна слави 15 години од своето постоење откако за прв пат ги вкрстија мечевите на сцена препознатливиот вокален израз, пејачката Вера Милошевска, и музичките лавиринтски решенија на Оливер Јосифовски. Ним, на 16 јули ќе им се придружи и поетско-музичкиот перформанс на триото Игла и конец во кое учествуваат: Тихомир Јанчовски, Добрила Грашеска и Зоран Тортевски. „Игла и конец“ е насловот на последната книга на Тихомир Јанчовски, и под исто име ова трио беше дел и од промоциите во повеќе градови низ Македонија.

Последниот ден на Д Фестивал, (17 јули) „Church stage“  ќе претстави несекојдневно музичко уживање со концертот на Гоце Стевковски Трио. Гоце Стевковски кој на пошироката јавност и е познат по неговите ангажмани како тапанар во повеќе високо етаблирани групи како Архангел, Леб и сол, Бодан Арсовски Езгија Бенд, Проект Жлуст, ДНО, последниве години својот музички интерес го насочува кон џез музиката, учествувајќи во бројни проекти и соработувајќи со скоро сите значајни имиња на македонската и балканската џез сцена. Триото на познатиот македонски џез тапанар и композитор, во кое покрај него членуваат Кирил Кузманов на саксофон и Кирил Туфекчиевски на контрабас, ќе се погрижи за задоволството на посетителите на Д Фестивал кои сакаат да уживаат во џез музиката. Музичката програма на оваа бина се заокружуваме со настапот на Волтер Мани Ал Хаким, еден од најбараните арт терористи на денешницата, основач на Г-да Тенекиеви, Лост Дегенерос и озлогласениот проект: Цревни Муви. Волтер е најпознатиот – непознат уметник, актер и музичар од овие простори. Со музика се занимава повеќе од четвртина столетие. Зад себе има две самостојни изданија: Света Вода и Брсјачки Сказни, а учествувал во саундтракот за филмот Маклабас, како и во авангардниот ансамбл Свирачиња.

Музичката програма на шестото издание на Д Фестивал годинава ќе трае од 15 до 17 јули, во Дојран.