„Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски е добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година

Денеска, на денот кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на големата македонска писателка Оливера Николова, издавачката куќа „Арс Ламина“ го прогласи победникот на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“ за 2026 година.

На прес-конференцијата, што се одржа во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, беше соопштено дека ракописот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски е втор победник на конкурсот за наградата „Оливера Николова“. Победникот е избран со едногласна одлука на жири-комисијата составена од Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (првиот добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денкова (професорка по книжевност за деца на Филолошкиот факултет на УГД во Штип).

На вториот конкурс за наградата,  востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка од семејството на Николова, што траеше од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026, пристигнаа 46 ракописи. Жири-комисијата констатираше видно задоволство и од квантитетот и од квалитетот на пристигнатите ракописи.

Во одлуката на жирито се вели:

„Романот ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ е кус, атрактивен, забавен, смешен, духовит и суптилно ангажиран еколошки ракопис. Екологијата е широкото раскажувачко платно на кое се слика со вешти зборовни игри, вратоломни досетки и несекојдневни наративни постапки. Иако е напишан сезнајно, во трето лице, романот на Полазаревски на особено забавен начин внесува дополнителен, непознат глас кој може да биде и лик, но и резервен наратор (ненаклонет кон сезнајниот раскажувач!), сето време директно обраќајќи им се на децата-читатели и вклучувајќи ги во дејството. Непознатиот глас со сомнежот во сè и со постојаната расположеност за кавга ја одржува динамиката, но и високата температура на текстот. Тој е лик/наратор – вистинско освежување во романот, па и во жанрот, кој за себе вели: Јас сум гласот на реалното, оној што на сите кои ќе зајдат во измислување приказни им вели да се приберат, да тераат со усул, полека, да не запнуваат, зашто секоја приказна не е петарпанија или црвенкапија. Суштества со сто очи, со милион рогови… тикви со расол, бурек со топуски… ајде, ти се молам! Всушност, овој лик/наратор вели дека е сè што творештвото на самиот Ванчо Полазаревски не е.

Полазаревски, искусен и докажан автор за деца во домашната книжевност со своите песни, гатанки, брзозборки, сликовници, раскази и пиеси, првпат се остварува во романескен жанр. Неговиот прв роман покажува нагласен интерес кон култот на засведочување на раскажаното со алузии на актуелни состојби (несобирањето на сметот во главниот град зимава) и проверливи реалии (преполни контејнери насекаде). Интересот за засведочување и проверливост е дополнително збогатен со зборовни игри, метатези, спунеризми и малапропизми: гратчето Капи и Штици еуфониски потсетува на населбата Капиштец во Скопје, а најголемата депонија за ѓубре Магдоносонија – на Македонија… Изместувањето на реалната оптика на урбаното момче Оли со зачудни елементи, фантастични ликови и невозможни планети, светови и случки, ни го потврдува Полазаревски таков каков што го знаеме, но и ни открива една нова димензија на неговото препознатливо книжевно писмо.

Годинашниот добитник на наградата ’Оливера Николова‘ – ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ од Ванчо Полазаревски ја актуелизира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и природата како наш единствен, вистински и заеднички дом. Тоа го прави на еден даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и ведар начин, каде што веселоста ù претходи на сериозната порака, без да ја спречува таа да втаса до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот. “

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Николова почина на 3 ноември 2024 година. Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитетот на големото авторско име на Оливера Николова преку симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност и да се ревитализира еден од жанровите во кои таа создаваше – романот за деца и млади.

На првиот конкурс (за 2025 година) победи романот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски, а во најтесен избор за наградата беше „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).

„Арс Ламина“ денеска го распишува и третиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2027 година.

Промоцијата на книгата „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ и врачувањето на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година ќе се одржат на посебен свечен настан.