„Чудата во земјата на Алисите“ – ослободување од личното стаклено ѕвоно

Низ медиумите веќе проструи информацијата дека заврши снимањето на краткометражниот игран филм „Чудата во земјата на Алисите“, проект на „Колектив Ветерница“, со актерската екипа од 17-мина членови на инклузивниот ансамбл „Трисомија 21 Скопје“. Снимањето траеше четири дена на професионален филмски сет, а го реализираше „Троика студио Скопје“, независна филмска продукција, поддржана од донаторскиот кружок на „Конект“.

Сипопсисот за филмот вели: „Алиса“ е црно-бела визуелна наратива која влегува во еден надреален свет на ликови кои се во постојан конфликт со сите околу нив, а најмногу со себеси. Филмот патува од лик до лик, го трансформира својот протагонист од сцена во сцена, за на крај, секој на свој начин да открие како да се ослободи од личното стаклено ѕвоно.

Радио МОФ поразговара со дел од екипата на филмот. Она што е прв впечаток, е дека филмот има поширока улога. Двонасочна. И во очекување како форма на култура во доменот на седмата уметност, но и како ангажирана уметност, особено ако се земе предвид дека „Колектив Ветерница“ го движи инклузивниот ансамбл во територии на самоспознавање, со цел учесниците да се препознаат како активни творци. Како актери што можат. Свесни. Способни.

Бидејќи, уметноста е податлива алатка да се насочат и извадат токму од личното стаклено ѕвоно. Да си го откријат потенцијалот и да го дадат на сцена, како дел од колектив, а не да бидат гледани како „група атипични и типични деца што им се дава шанса“ и потоа се чека аплауз, па сите накај дома. Учесниците да бидат земени предвид како релеватни актери од критиката, таа да даде објективен став за уметничкото дело. За ова, но и за сите наредни каде би настапувал инклузивниот ансамбл.

„Ова е веќе професионален ансамбл. А, се работи за тригодишен проект на ‘Ветерница’, може и четири ќе фати, почнавме некаде крај на 2019 година. Претрпе различни промени, сизифовска работа, но завршивме со кратки анимирани филмчиња, изложба, кабаре-перформанс и заокружување со филм. Почна со идеја да биде театарска претстава, па ги претрпе сите овие трансформации, бидејќи дојде период на пандемија, кога со онлајн часовите рековме ‘ајде да правиме филм!’“, вели Билјана Димитрова од „Колектив Ветерница“ и „Партизанска Штампа“.

Иако пандемијата го закочила и одложила процесот, децата останале лојални. Дури и нестрпливи кога ќе снимаат. Сепак, требале и креативни начини во целиот тој период да се задржи и насочува енергијата.

„Кога ја земавме книгата, прв пат беше да работиме по авторско дело (н.з. Луис Карол, 1865 г.), прв пат да позајмуваме мотиви. Претходната седумгодишна работа беше исклучиво со претстави создадени во процес на соработка. Башка кога им ја донесовме книгата на екипата, беа како ‘Што е со книгава?!“. ‘Каква е оваа досадна книга?!’. ‘И, што ако Алиса паднала во дупката?!’. Прво имавме мал отпор од некои шест месеци. Па, затоа навлеговме со театарот на апсурдот, како правец во кој треба да се движиме“, посочува Димитрова.

Таа се присетува дека името „Чудата во земјата на Алисите“ е резултат на соработката со децата. Они го дале предлогот.

Фото: Марија Бејкова

„Со менторите претходно завршивме со ‘Темниот бакнеж’, ритуална претстава за вештерки и самовили, па сакавме да отидеме во светот на фантазијата, која баш е поапсурдна. Можеби и поблиска за нив. Бидејќи, доаѓаа во период на тинејџерство кога им станува досадно, неинтересно, ги претрпуваат тие хормонални промени, се’ им е чудно. Затоа беше одбрана оваа претстава (што прерасна во филм)“, потенцира Димитрова.

Освен што сфатиле дека децата градат професионален однос кон материјалот, сфатиле дека мора да прават и активности преку кои ќе им ги пренесат своите вредности. Да не биде само „како од книга“, или „прави го ова или тоа“.

„Уштe од почетоците, нашата втора година, дојдовме во Папрадиште. Почнавме со летната школа, во која колку што бевме и учителки, бевме и деца. После седум години, редовно школата на почетокот на јуни се одржуваше во Папрадиште. Многу значаен момент за ансамблот потоа во септември да се врати во акција. Да има желба да работи пак заедно. Не е само до пробите, тие сами по себе знаат да бидат презаситувачки. Затоа кај децата, но и кај возрасните, мора да биде достигнато со заеднички поминати моменти, размена,  солидарност… на ниво на работнички навики и права. Затоа организацијата ‘Green Power’ и Папрадиште имаат многу значаен дел во обликувањето и на ‘Колектив Ветерница“, и на ‘Партизанска Штампа’. Па сега, буквално на снимањето на филмот нè прашуваа ‘леле, кога пак ќе се oдиме во Папрадиште?’“, раскажува Димитрова.

Голем дел од креативниот пат на ансамблот, заедно со тој колективен дух, изминативе години го следи Јелена Белиќ. Таа беше задолжена и за фотографија на „Алиса“. Тимот си ја карактеризира како директор на фотографија, бидејќи уште првите фотки што ги направила од просторот пред снимањето, веднаш некако ги „опуштиле“ за да продoлжат.

Фото: Јелена Белиќ

„Целата оваа група, многу е интересно да се следи како се трансформираат. Сум ги гледала како прават и други активности, вежбаат, се спремаат. Баш е убаво бидејќи секој има индивидуалност, ама функционираат како колектив. Процесот им значи, посветени се, дури и во оние ‘досадни’ моменти на чекање. Нема нешто ‘ова сакам, она не сакам’. Ако викнат дете да дојде да го фотографирам – едвај чека. Сите си помагаме меѓусебно. Секој правеше повеќе улоги, не само за таа што е дојден, само да се случи филмот. И, добро е и за возрасните, издржаа многу!“, раскажува Белиќ.

Меѓу останатите задолжени во сетот, Јован Гаковски беше асистент на шминка. Но и во помагање за фризури, облекување, до анимирање на учесниците на паузи. Тој раскажува дека на сетот се случувале и друштвени игри. Се’ во својство да биде вистинско искуство, заедничко.

„Прв пат да бидам во процес на создавање филм. Особено што претходно работев шминка и за кабарето, па целиот транзит од кабаре до филм, трансформација од 1920-те, па до некои посовремени начини на аплицирање на шминката. Доста интересно искуство! Имаше моменти кога женските актерки целосно уживаа во дотерувањето и шминката, додека машките на почетокот велеа ‘зошто ми е шминка’, ‘не ми треба’ и сл. Но, со заедничко укажување, дека се работи за сет каде секој треба да си ја сфати улогата, уделот во филмот, се’ потоа финишираше како што треба“, раскажува тој.

Билјана Димитрова се сеќава дека во Македонска опера и балет, каде снимале, ги поминале сите емотивни состојби карактеристични за еден сет. Од лутина, стрес, до среќа. Посветеноста ги држела заедно, дури и кога имале мало „откажување пред настап“, но колективот на крајот си ја завршил работата.

Сега, филмот оди на монтажа.

„Остануваме на она што се нарекува арт-брут, маргинална уметност. Односно, веруваме дека преку соработки со уметници, децата и атипичните луѓе можат да полесно да се интегрираат во општеството. И, воопшто нивниот креативен импут не е за потценување. Само некој треба да седне од другата страна, кој не ги сожалува, туку во нив гледа соработници, па да го извлече и прилагоди на општеството. Бидејќи, што сме ние?! Сите ние сме прилагодени, поради низа околности, вакви или такви, кои дел се однесуваат и на физичко ниво. Затоа остануваме на браниците на правење постојани пракси, интегрирани културни пракси. Имаме доволно луѓе, доволно уметници што се посветени, за да можат системски да го изградат. Да не биде само еден проект, па ‘пу-пу заврши’. Него да ја држи таа екипа. Тој ансамбл. На некој ќе му текне нешто друго, ново, ќе додаде, ќе продолжи. Најважно е почитување и разбирање“, констатира Димитрова.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

„Чудата во земјата на Алисите“

Во филмот учествуваат: Ана Јовановска, Ена Митревска, Ена Ковачевска, Марио Мицковски, Филип Ангеловски, Мартин Манчевски, Елизабета Петковска, Стефан Трпковски, Оливер Блажевски, Матеј Петровски, Матеј Аларов, Кристина Петровска, Маша Блажева, Нана Танеска, Софија Поповска, Коста Аризанов и Ирина Прокопиева.  

Колективна режија: Марија Бејкова, Ивана Нелковска, Билјана Митева и Билјана Димитрова
Сценарио: Деца во соработка со ментори
Костими: Магдалена Таневска и Ангела Бикова
Шминка: Моника Грковска и Јован Гаковски
Менторска асистенција: Јоана Ристевска и Ѓорѓи Јаневски
Фотографија: Јелена Белиќ  

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Бојан Шашевски