Чудаците на шарениот клупски живот на Лондон

Лондонските „клубски деца“ го освоија англискиот главен град од 80-тите, оставајќи боја и светки насекаде после себе. Фотоновинарот Alex Gerry ги документирал највеселите моменти од ноќниот живот во градот, во период од три децении.

Alex Gerry го живеел, дишел и фотографирал секој аспект на лондонскиот ноќен живот од 80-тите, па сé до денес. Gerry има склопено импресивна документација на клубовите и забавите, како и ексцентричните луѓе кои ги направиле овие настани толку иконични. За оние кои се премногу мали за да бидат дел од оваа сцена, еден поглед на неговата богата архива е доволен за да сонуваат за клубското искуство кое никогаш го немале.

За „клаберите“ кои се дел од работата на Gerry, неговото дело е како луд семеен албум, пишува во интервју со фотографот порталот Vice.

Зошто мислиш дека си бил толку привлечен кон документирање на клупската сцена? Како твојата врска со неа се промени низ времето?

Секој си има нешто што го привлекува. Едноставно си привлечен кон луѓето во кои се препознаваш, и се чувствуваш удобно со нив. Клубовите веднаш ги почувствував како неоткриено богатство, дефинитивно како неверојатна околина која треба да се документира. Како тинејџер, знаев да земам камера со мене секогаш кога можам. Чувствував потреба да фотографирам иновативни, необични луѓе кои шират некоја посебна аура. Колку пострашно изгледаат, толку подобро. Го ценев неверојатниот труд кој тие го вложуваа за да одат во клуб. Обожаваа да претераат само за да привлечат внимание кон нив, а тоа, според мене, заслужува да биде овековечено. Ги поддржував авангардните клубови, и никогаш немав интерес во „мејнстримот“.

Твојот серијал Club Icons & Disco Pigs личи на енциклопедија на клупскиот живот и во него има многу познати личности, како Leigh Bowery, Princess Julia и Boy George. Какво е чувството да се документира толку долга историја со овие луѓе, и да се види како тие и нивниот стил еволуирале?

Се чини дека се вредело кога луѓето ја опишуваат мојата работа како енциклопедиска. „Фриковите“ кои ги документирам и јас сме посебна сорта! Стил, иновација, оригиналност, моќ, долговечност: треба да ги исполнат сите услови за да се квалификуваат. Некои од нив доаѓаат и си одат побрзо одошто можеш да кажеш: „Подготвен ли си за фотографија одблизу:“. Други без напор преживуваат пет децении на сцената и сé уште успеваат да импресионираат. Навистина ја документирав нивната еволуција, сведочев на нивните тајни и глупости, ги покривав во медиуите и секогаш правев да изгледаат најдобро што може во моите фотографии. Знам дека тоа ги мотивира и прави да изгледаат големи, но има друга страна на паричката која не може да се игнорира. Не може да се игнорира дека голем број од тие клупски чудаци знаат да се однесуваат исто толку екстремно како што изгледаат. Можат лесно да станат диско-оштетени – патат од непознато пореметување на личноста.

Како се чувствуваш кога го гледаш своето портфолио? Ти се чини ли повеќе како личен фотоалбум?

Да, навистина изгледаше така на почетоците. Чудно е, но многу од тие клупски деца ми беа како семејство. Се дружевме многу, се подготвувавме заедно и одевме по клубовите. Имам фотоалбуми кои ги подготвував на ист начин на кој мислам дека дизајнер би подготвувал магазин за стил. Немам конвенционални семејни албуми, па тоа за мене беше многу погламурозна алтернатива. На некој начин, ги гледав моите пријатели од клубовите како мое вистинско семејство, како што ги гледам неколкумина од нив и денес.

Дали мислите дека субкултурите се исто толку силни денес, како што беа во изминатите децении?

Не знам за силни, но субкултурите сé уште постојат, иако доживуваат криза на идентитет. Треба да сте слеп ако не видите дека не се она што некогаш беа. Да бидеме искрени, тинејџерите баш и не се грижат, нели? Тие ќе одат по клубови и ќе си поминат добро без разлика. Сакам да кажам, не може да ви недостига она што не го знаете, нели?

Што е тоа што го прави Лондон посебно место за вас?

Настојуваме да ја земаме здраво за готово нашата голема, метропола во распаѓање која ништо не простува, нели? Многу е лесно да се заборави колку сме привилегирани што сме дел од неа. Опипливата енергија, креативноста и диверзитетот победуваат. Да, улиците не се повеќе поплочени со злато, но константната еволуција ќе го задржи таму каде што припаѓа. Секој знае дека ноќниот живот не е толку спектакуларен во изминатава деценија. Но, како и секој поголем главен град во светот, сé додека луѓето излегуваат и уживаат, сцената ќе еволуира и ќе се појавуваат нови клубови. Нема изговор за песимизмот.