Човекот што истражува како се шири неукоста

Во 1979 година, таен документ од тутунската индустрија се појавил во јавноста. Документот, наречен „Предлог за пушење и здравје“, напишан една деценија претходно од компанијата Brown & Williamson, открил многу од тактиките со кои се служеле големите тутунски компании за да им се спротивстават на „силите кои се против цигарите“.

Во еден дел, документот предлага како треба да се рекламираат цигарите пред јавноста: „Нашиот производ е сомнежот, затоа што тој е најдобриот начин да се натпреваруваме со ‘сетот од факти’ што постои во умот на јавноста. Тој, исто така, е и начинот за воспоставување контроверза“, пишува во меморандумот.

Ова откритие го заинтригирало Роберт Проктор, историчар на науката од универзитетот Стенфорд, кој почнал да ги истражува практиките на тутунските компании и како тие смислено ширеле конфузија околу тоа дали пушењето предивикува рак.

Проктор открил дека индустријата за цигари не сакала нејзините потрошувачи да ги знаат штетните последици од нивниот производ и потрошила милијарди долари на „замаглување“ на фактите околу ефектите на пушењето врз здравјето. Ова го инспирирало научникот да измисли нов збор за изучувањето на ова намерно пропагирање на неукоста – агнотологија.

Зборот доаѓа од грчкото агноза, збор што означува незнаење, игноранција, неукост, во комбинација со онтологија – гранката на метафизиката која се занимава со својствата и природата на битието. Агнотологијата е истражувањето на смислените акции со кои се шири конфузија и измама, најчесто за да се продаде некој производ или за здобивање со наклонетост.

„Истражував како можните индустрии можат да промовираат неукост за да ги продаваат своите производи и услуги. Неукоста е моќ…. а агнотологијата е околу намерното создавање неукост“, вели Проктор.

Проктор имал помош од лингвистот Иан Боул, со кој заедно го сковале терминот во 1995 година. Документот од 1969 година и тактиките на тутунската индустрија станаа совршен пример за агнотологијата, вели тој. „Неукоста не е само она што се уште не го знаеме, туку и политички трик и тактика, смислена креација на моќни сили кои сакаат ‘да не знаете’“.

Stupid man with bag over his head

Лажен баланс

Агнотологијата е исто толку важна денес, како што била и во времето кога Проктор го истражувал „замаглувањето“ на фактите околу ракот и пушењето. На пример, противниците на американскиот претседател Барак Обама со месеци одржуваа политички мотивиран сомнеж со дилемите за неговата националност, се додека тој не го покажа изводот од книгата на родените во 2011 година.  Во друг случај, некои политички коментатори во Австралија се обидоа да предизвикаат паника, со изедначувањето на кредитниот рејтинг на земјата со оној на Грција. Ова се случи и покрај тоа што постоеја јавни и достапни, официјални податоци кои покажуваат дека економиите на двете земји се многу различни.

Проктор објаснува дека неукоста често може да се пропагира низ маската на балансирана дебата. На пример, широко прифатената идеја дека за една тема секогаш ќе има два спротивставени погледа, не секогаш резултира со рационален заклучок. Вака тутунските компании успевале да ја користат науката за да ги претстават своите производи како безопасни. Ова денеска го користат негаторите на климатските промени, за да ги оспорат научните докази.

„Овој ‘баланс’ им дозволи на тутунските компании и на негаторите на климатските промени денес, да тврдат дека секоја приказна има две страни, дека ‘експертите не се сложуваат’ – создавајќи лажна слика на вистината, односно неукост“, вели Проктор. Кога научните студии покажале дека во тутунот има материи кои предизвикуваат рак кај глувци, тутунската индустрија одговорила: „тоа што глувците се разболеле, не значи дека и луѓето се под ризик“, и покрај очигледните проблеми со здравјето кај многу пушачи.

Нова ера на неукоста

„Живееме во свет на радикална неукост, а чудото е во тоа што каков било вид на вистина се пробива низ бучавата. Иако знаењето е ‘достапно’, тоа не значи дека луѓето достапуваат до него. Кога станува збор за големите политички и филозофски прашања, знаењето што луѓето го имаат често доаѓа од вербата, од традицијата, а најмногу од се, од пропагандата“, предупредува Проктор.

Според научникот, неукоста се шири: прво, кога многу луѓе не разбираат некој концепт или факт, и второ – кога групите кои имаат посебен интерес, како компаниите или политичките партии, работат на создавањето збрка околу некое прашање. Во случајот на тутунската индустрија, на компаниите им одговарало јавноста да биде научно неписмена, затоа што луѓето тогаш полесно веруваат во лажните пропагандни слики.

trump

„Доналд Трамп на своите следбеници им зборува за решенија што се или неизводливи или неуставни“

Мислење со своја глава

Уште еден научник кој ја истражува неукоста е Дејвид Данинг, од универзитетот Корнел. Тој предупредува дека интернетот помага во ширењето на неукоста – тој е место на кое секој има шанса да биде сам свој експерт, што ги прави луѓето плен за моќните интереси кои сакаат намерно да шират незнаење.

„Некои луѓе ќе профитираат од многуте информации кои се само еден клик од нас, но многу други луѓе ќе бидат погрешно одведени до едно чувство на лажна експертиза. Не се грижам дека ја губиме способноста да мислиме со своја глава, туку дека тоа станува премногу лесно. Би требале да се консултираме со другите луѓе многу повеќе отколку што мислиме. Другите луѓе исто така се несовршени, но нивното мислење може да значи многу во поправањето на нашите несовршености, како што и нашата несовршена експертиза помага во поправањето на нивните грешки“, вели Даунинг.

И двајцата научници предупредуваат дека смисленото ширење неукост е во огромен подем низ целата предизборна кампања за американските претседателски избори, и тоа од двете страни на политичкиот спектар.

„Доналд Трамп е очигледниот, актуелен пример во САД – тој на неговите следбеници им зборува за решенија што се или неизводливи или неуставни“, вели Данинг.

Извор: BBC