Човекот-коза и студија за сексуалниот живот на глувците се добитници на Иг Нобеловите награди

Британецот Том Твејтс, кој три дена со специјални протези на екстремитетите живеел на Алпите како коза, беше еден од добитнитите на Иг Нобеловите награди за 2016 година.

Наградите кои се пародија на Нобеловите и се презентираат како „истражувања кои луѓето ги засмејувааат па потоа ги замислуваат“, беа доделени на церемонија на Универзитетот Харвард во Соединетите Американски Држави.

Другите научни истражувањаig-nobelovi-nagradi-2016 кои беа наградени вклучуваат и проучување на карактерот на камењата и истражување далисветот изгледа поинаку кога ќе се наведнете и ќе го погледнете низ нозете.

На прв поглед, сите наградени истражувања звучат чудно и смешно, но повеќето – кога ќе се разгледа нивната содржина – всушност имаат цел да истражат проблеми од секојдневието.

Твејтс -„човекот-коза“, раскажува дека неговата замисла првично била обид да се побегне од стресот и модерниот живот, но подоцна се претворила во страст. Поминал една година во развивање на идејата и дури убедил и експерт во протетика да му направи пар вештачки козји нозе. Неговата авантура ја опишува како фасцинантна и бизарна на моменти – развил силна поврзаност со една, но за малку избегнал и поголем судир со друга коза.

„Се шетав наоколу, знаете, џвакајќи трева и погледнав нагоре и одеднаш сфатив дека сите други престанале да пасат и настана напнатост која претходно ја немав забележано. Една или две кози почнаа да ги вртат нивните глави и за малку избегнав конфликт“, рекол Твејтс за ББЦ.

Сепак, ваквиот хумор на Иг нобеловите награди, најверојатно нема да го насмее германскиот автомобилски гигант Фолксваген, кој беше награден во категоријата хемија – поради начинот на кој ги прелажала тестовите за емисии на издувни гасови.

Целосната листа на победниците:

Награда за репродукција – Ахмед Шафик, за тестирање на ефектите од носење панталони од полиестер, памук или волна врз сексуалниот живот на глувците.

Награда за економија – Марк Авис и колегите, за проучување на карактерите на камењата од перспектива на маркетинг и продажба.

Награда во физика – Габор Хорват и колегите, за откритието зошто коњите со бела грива се најотпорни на убоди од коњски муви.

Награда во хемија – Фолксваген, за справување со проблемот на прекумерните автомобилски емисии на издувни гасови преку автоматско, електромеханичко продуцирање помали емисии кога автомобилите се тестираат.

Награда во медицина – Кристов Хелмчен и колегите, за откритието дека ако ве чеша левата страна од вашето тело, можете да се ослободите од тоа чувство преку гледање во огледало и чешање на десната страна од телото (и обратно).

Награда во психологија – Евелин Деби и колегите, за нивниот научен труд наречен „За рецепцијата и детекцијата на псевдо-длабоки бесмислици“.

Награда во биологија – Заеднички доделена на Чарлс Фостер за живеење во дивината како дабар, јазовец, срна, лисица и птица и на Томас Твејтс за изум на протези на екстремитетите кои му овозможувале да се движи и да поминува време по висорамнините во придружба на кози.

Награда во литература – Фредрик Сјоберг, за неговата автобиографска книга во три дела за задоволствата од собирање умрени муви и муви кои се пред смрт.

Награда во перцепција – Атсуки Хигашијама и Кохеи Адачи за истражувањето дали работите изгледаат поинаку кога ќе се наведнете и ги гледате низ вашите нозе.

Иг Нобеловите награди се во организација на Американскиот хумористичен научен магазин веќе 26-та година по ред, а статуетките на победниците ги врачуваат добитници на Нобеловата награда.

За оние кои мислат дека овие награди се премногу бесмислени, вистинските Нобелови награди почнуваат да се доделуваат за две недели.