Членовите на бендот „Дубиоза Колектив“ се зачленија во партија

Иако со години одбиваа, па и на јавните настапи истакнуваа дека не се и не сакаат да се дел од ниту една политичка опција, членовите на бендот Дубиоза Колектив станаа членки на новоформираната Роботската демократска партија (РДП).

„Сфативме дека, доколку нешто сакаме да промениме, мора да почнеме да делуваме директно низ политички систем. Песните и уметноста не можат многу нешта да направат. Роботската демократска партија (РДП), на чело со основачот и претседателот – Роби Мегабајт, е прва партија чии што идеали и политички пристап ги поддржуваме во целост. Роботот е модерен лидер, чиј алгоритам ги спроведува уставот и законите точно онака како што се напишани и за него се невозможни аномалии како криминалот и корупцијата, од проста причина што роботот нема роднини кои ќе ги вработува со врски и нема потреба било кој да биде привилегиран“, велат од бендот.

Една од главните идеи е нормализирање и регулирање на односите помеѓу луѓето и машините, пред се, роботите. РДП се залага сите роботи без оглед на земјата на производство, да имаат со устав еднакви загарантирани права: право на редовен сервис, право на редовен „software update“, и еднакви права при кандидирањето за функции во извршната и законодавната власт во БиХ.

„Исто така, борбата против cyber-корупцијата и криминалот нам ни е приоритет. Ги повикуваме сите луѓе, а особено младите „ IT“ професионалци да ни се придружат, бидејќи иднината е во младите програмери. Како што би кажал нашиот претседател на партијата: „Умот и мудроста на политичарите, кои во моментот ја водат планетава е на ниво на компјутерски процесор од 80-тите години.“ На оваа планета итно и е потребен „reset“, а потоа и „update“ на системот“, изјавил Брано Јакубовиќ, член на бендот и претседател на месниот одбор на РДП во Забрѓе.

Членовите на Дубиоза Колектив, заедно со основачот и претседател на партијата – Роби Мегабајт, ја напишаа и испејаа официјалната партиска химна која премиерно ќе биде изведена во првата епизода на Дубиоза Колектив „Quarantine Show“, закажана за 19.10.2020 во 20:30.