„Член 1“: Загадувањето да се класифицира како прашање од национална безбедност

Ако загадувањето се класифицира како прашање од национална безбедност, тогаш ќе мора да се преземат мерки за итно справување со проблемот со загадувањето, порачуват од Член 1 – Институтот за глобална политика и право.

Во својот труд, презентиран на неодамнешната конференција за загадувањето во МАНУ, велат дека за решавање на радикален проблем, потребни се радикални чекори. Нивниот предлог е загадувањето да го извадиме од секојдневната политика и да го префрлиме во политиките на итност.

„ Доколку се согласиме со три претпоставки 1) Загадувањето претставува ризик за граѓаните или за државата, 2) државата до денеска не успева да го реши проблемот со механизмите кои и се на располагање. 3) решавањето на загадувањето бара колективна акција од клучните чинители во општеството: граѓани, граѓанско општество, локална – централна, извршна, судска, законодавна власт, војска. Тогаш логично е да бараме поинаков пристап кој ќе даде легитимитат за преземање на порадикални мерки “, велат од Институтот.

Појаснуваат дека кога едно прашање е класифицирано како безбедносно, тогаш е дозволено да се побараат одредени „трансфери“ во замена за справување со заканата. Како пример го наведуваат случајот со глобалната закана од тероризам, кога различни општества беа посклони да прифатат одредени ограничувања на нивните слободи (приватност) во замена за зголемување на капацитетите на државата да спроведува надзор (следење) на граѓаните.

Во случајот на загадувањето овие „трансфери“, велат, можат да бидат различни. Оттука, појаснуваат, економскиот трошок би бил од второстепена важност кога се работи за договори кои се веќе склучени (од градежна природа), но на штета на животната средина. Истовремено, прифатливо би било ограничувањато на личниот комодитет, на сметка на регулиран сообраќаен режим.

„Други специфична мерки кои би ни биле достапни, а не бараат никакви „трансфери“ би биле реструктуиирање на државниот апарат за да одговори соодветно на заканата. Советот на безбедност на Република Македонија ќе може да го додаде министерот за животна средина и просторно планирање како дополнителен член. Со тоа ќе се осигура дека едно од телата задолжени за разгледување на закани за безбедноста на граѓаните/државата во својот состав ќе има член кој ќе може да го поставува загадувањето на секоја седница, и да се осигура дека ваков тип на прашања лесно ќе може да ја врамат агендата на Советот“, велат од Член 1.

Со овој труд, кој се однесува на Македонија и Косово, додаваат дека сакаат да ги охрабрат политичките чинители да побараат употреба на вонредни мерки за да се справат со загадувањето.