„Чкрап!“: Десет години фотографија

Јубилејот 10 години од постоењето на фото-групата „Чкрап!“ од Тетово ќе се одбележи со изложба на фотографии на нејзините членови, а настанот ќе биде одржан на 10 октомври во 19 часот во Музејот на тетовскиот крај во Тетово.

Драги Неделчевски, страстен фотограф, човек кој е основач и незаменлив дел на „Чкрап!“ вели дека за него, клубот е една од поубавите работи што му се случиле во животот. Неделчевски раскажува за почетоците, кога уште од 1978 година заедно со неговите пријатели го основале Фото-кино студиото при Домот на културата „Иљо Антески Смок“ во Тетово.

„Таму работевме аналогна, црно-бела фотографија. Тоа беше тешко, но и возбудливо за работа. Материјалите беа скапи, резултатите често пати неизвесни, но имаше една боемска атмосфера во поткровјето на Домот“, се присетува тој на почетоците.

Неделчевски раскажува и за 2001 година, кога оваа епизода од фото-живеењето на Тетово завршува.

„Тогаш дрско и силеџиски ние и нашата опрема бевме исфрлени од Домот и таа епизода заврши – вели тој. По две години пауза, кон крајот на 2003 година, Неделчевски, заедно со Зоран Андонов, Самир Љума и со поддршка на Роберт Јанкулоски и Цветан Гавровски од Скопје, го основаат Фото-кино клубот Тетово, кој набрзо го сменил името во „Чкрап!“ – ономатопеја на притискање на копчето на фотоапаратот.

„Сега имав шанса моето какво-такво познавање на фотографијата да го пренесам како вирус на една група млади, заинтересирани луѓе за фотографијата. На некои од нив, фотографијата денес им е професија, а тројца се запишаа на факултетот во Тетово и студираа – камера. Желбата да бидам Дедо Мраз и да давам, ми се исполни. На преку 50-тина фотографи што минаа низ „Чкрап!“ несебично им ја пренесував магијата на фотографијата и ги насочував секој да го открие скриениот фотограф во себе. Затоа нашите изложби на фотографија не се изложби на фотографии, туку изложби на фотографи! Секој се претставува таков каков што е. Затоа што фотографијата е повеќе одраз на нашата личност отколку одраз на светот што го фотографираме. Среќен сум што овие 10 години сме сè уште заедно, на некој чуден, неформален начин, но поврзани до крајот на животот со феноменот на фотографијата“, објаснува Неделчевски.

Неодминлива тема ба разговор со Неделчевски е и „грдата естетика“ на Тетово, градот кој е приказна сама за себе.

„Последнава деценија сосема го смени својот лик. Се руши сè што е старо, се гради грдо и ново. Штета што никој не ми кажа на време да ја документирам оваа драстична промена… Град без парк, град без (слободни) тротоари, без кино, без други основни содржини што треба да ги има секој град, валкан, со страшна сообраќајна некултура, со дневна и друга миграција од индиски размери, а скроен за многу помалку жители. Без перспектива за младите, не може да биде ништо друго освен црна дупка. Но, ние што сме сè уште тука, живееме во него и го прикажуваме на свој начин“, вели тој.

Фотографија на Ханис Багашов, член на фото-кино клубот „Чкрап!“

За годинашната, јубилејна изложба ќе се претстават 20 фотографи од „Чкрап!“ со околу 60-тина фотографии во НУ Музеј на тетовскиот крај.

– Секој со своја приказна, со свој начин на гледање, на слободна тема. За секого по нешто, но, се надевам, сите фотографии се квалитетни и на, веќе образованата тетовска (и не само тетовска) публика ќе им понудиме еден празник за очи. Како и секој година, и оваа претставуваме неколку нови автори, кои имаат можност да изложат свои фотографии на една изложба – објаснува Неделчевски и додава дека овојпат имаат и побогат каталог по повод 10-годишнината.

На блогот на „Чкрап!“ пишува дека за овие 10 години низ групата поминале преку 70 луѓе, додека јадрото на групата го сочинуваат 15-ина активни членови. „Досега во Тетово беа организирани 10 групни (клупски) изложби на кои беа изложени преку 500 фотографии. Тие беа посетени од преку 1000 посетители. Некои членови имаа и неколку самостојни изложби на фотографии. Многу од нив учествуваат на разни Фото конкурси и изложуваат на домашни и меѓународни изложби. Понекогаш и добиваат награди за тоа. Оваа година на Деновите на македонската фотографија во Скопје, тројца членови од „Чкрап!“ беа наградени. Сето ова го прават за свое задоволство, но очигледно е дека тоа им се допаѓа и на луѓето кои, едноставно, ја сакаат фотографијата…“, пишува на блогот на групата.

Годинешната изложбата на фотографии на „Чкрап!“ е со подршка на НУ Музеј на тетовскиот крај – Тетово и Фото Сојузот на Македонија, а по повод 11 Октомври, денот на востанието на Македонија против фашистичката окупација.

Извор: Лице в лице