Чистач собирал фрлени книги, па отворил своја бесплатна книжарница

Колумбиецот Хосе Алберто Гутиерез, кој 20 години возел камион за ѓубре во Богота, собирал фрлени книги и во приземјето на својата куќа отворил бесплатна книжарница.

Гутиерез го добил прекарот „Господар на книгите“, бидејќи во 1997 година почнал да собира книги кога забележал дека граѓаните ги фрлаат во ѓубре.

Тој сега има 54 години, а изјавил дека првата книга која ја зел од контејнер е „Ана Каренина“ од рускиот писател Лав Толстој. Подоцна дома однел копии од „Малиот принц“, „Илијада“ и делата на најпознатиот колумбиски писател, Габриел Гарсија Маркес.

Соседите потоа почнале да доаѓаат и да му носат свои книги, без разлика дали се за него или за неговите деца.

Во 2000 година со својата сопруга решил да го преуреди приземјето на куќата и да го претвори во книжарница каде сè е бесплатно, а го носи името „Моќта на зборот“.

Успехот на неговата иницијатива ги надминал сите очекувања, бидејќи во книжарницата дошле да работат волонтери, но и странци.

Со оглед на тоа дека некои од книгите биле во лоша состојба, сопругата на Гутиерез, кројачка, добила идеја да отвори „Болница за зборови“, каде ги лепи страниците и ги енува кориците на пропаднатите книги.

Сега книжарницата, која во меѓувреме стекнала светска слава и гостувала на саем на книга во Чиле, Мексико и Богота, станала место за собирање на деца кои без здив ги слушаат приказните кои им ги читаат.

Семејството Гутиерез поради недостатокот на простор патувало низ Колумбија и бесплатно делело книги на локалците во отсечените села и градови.

Од училиштата и другите образовни установи ги викаат на помош, а кружат и приказни дека еден претставник на бунтовничката герила ФАРК еднаш му се јавил на Гутиерес да го замоли да даде книги за бунтовниците, кои се подготвувале после 50 години вооружена борба да се вратат во цивилизација.