Четврто издание на „Скопје креатива“ од 16 до 20 септември

Под мотото „Скопје – мојот град!“, од 16 до 20 септември на Плаја Виста ќе се одржи Фестивалот за креативни индустрии „Скопје Креатива 2015“.

Во четирите фестивалски денови ќе се одржат презентации, предавања, работилници, панел дискусии, форуми и дебати. Посетителите ќе имаат можност да учествуваат на настани поврзани со филмски и видео перформанси и театар, додека во вечерните часови ќе може да уживаат во музика. Дел од програмата се и работилници за развивање на креативноста кај децата.

„Скопје Креатива“ е проект под покровителство на Град Скопје, а во организација на Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје.

Организаторите информираат дека годинава ќе ги опфатат сите креативни сектори- продукт дизајнот, индустрискиот и графичкиот дизајн, како и модниот дизајн.

Во рамки на фестивалот ќе се одржи изложбата на „Скул оф вижуал артс“ која вклучува дела од Милтој Глејзер, Стефан Загмајстер, Мирко Илиќ, Сејмур Хваст, а учество ќе земат и светски познатиот млад дизајнер Бајтлик, чија кариера почна од Скопје постер фестивалот, но и многу други настани.

Фестивалот ќе биде од отворен карактер. Сите настани ќе бидат бесплатни за заинтересираните кои ќе можат да се регистрираат преку веб страната www.skopjekreativa.mk и на е-маил адресатаinfo@kongresencentaram.mk