Четврто издание на фестивалот „Виолин фест“ во Скопје и Охрид

На 12 јуни во Музејот на град Скопје и на 14 јуни во Големата сала на Општина Охрид ќе се одржи четвртото издание на фестивалот „Виолин фест“ на кој ќе учествуваат студенти и ученици од музичките училишта во земјава.

Организатор на „Виолин фест“ е виолинистот и концерт-мајстор на Македонската филхармонија, Владимир Костов, во соработка со Музичката младина на Македонија. Идејата да се одржи еден ваков фестивал кој треба да прерасне во традиционален, вели Костов, е желбата да се презентираат на едно место младите виолинисти од цела Македонија, без разлика на нивната возраст.

Целта на „Виолин фест“, појаснуваат организаторите, е отворање на концертната сцена и претставување пред поширок аудиториум на младите музичари за кои музиката е вистински предизвик. На фестивалот ќе учествуваат ученици од Скопје, Битола, Штип, Кочани, Охрид и Прилеп, но и студенти од Факултетот за музичка уметност од Скопје.

Фестивалот во Скопје и Охрид се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија,  со почеток во 19 часот.