Четврто издание на фестивалот „Прво па женско“ во МКЦ

Со филмски проекции, изложби, предавања и дискусии, овој викенд, од 11 до 13 март, во Младинскиот културен центар, ќе се одбележи четврото издание на фестивалот „Прво па женско“. Оваа година, фестивалот ја слави жената борец, појаснуваат организаторите од „Тиииит!Инк.“.

„Програмата е портрет на женското лице на годината одбележана со свирежи, скандирања и поворки по улиците. Одек на автентичната женска борба со пендреците, штитовите, чизмите со метални ѓонови, со барикадите, солзавците и водените топови. На женското НЕ на неправдата, насилството и криминалот. Жените бестрашно и неуморно ги освоија улиците. Уште малку ќе ја освојат и слободата!“, велат организаторите.

Фестивалот ќе почне во петок, во 18 часот со проекција на филмот „Се за тебе“ на италијанската режисерка Алина Мараци, во соработка со студентите на Катедрата за италијански јазик при УКИМ Филолошки факултет – Скопје. По филмот, присутните ќе можат да ја погледнат изложбата од протестни фотограии, односно изложба што го отсликува женскиот портрет на граѓанскиот отпор изминатата година. Од 21 часот, ќе се одржи гала вечер на раскажување женски приказни „ПичПрич“ на која десетина жени ќе зборуваат на тема „Прв пат кога…“ – секоја, о своја интерпретација на зададената тема, по што ќе следува диџеј сет.

Во сабота и недела, програмата продолжува со изложби, филмски проекци и редавања и дискусии со домашни предавачи и од околината.

Покрај официјалната, на фестивалот ќе има и паралелна програма при која ќе се одржи стрип работилница со Хелена Јанечиќ од Хрватска, работилница за деца од 8 до 12 години, базар, хуманитарна акција за собирање средства за жените и деца бегалци, како и мобилна клиника за женско здравје, која ќе биде сместена на паркингот зад МКЦ.

Фестивалот се реализира во соработка со Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ЛГБТИ Центар за поддршка, ЛезФем, Бори се женски и АКТО Фестивалот за современа уметности и поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија, FRIDA The Young Feminist Fund, Zaklada Kultura nova – Хрватска и Младински културен центар – Скопје.

Програмата со целиот распоред е достапна на овој ЛИНК.