Четврто говорничко место на интернационалниот дебатен турнир „PEP IV“  за Теодора Столевска

Викендов во Белград се одржа студентскиот дебатен турнир „PEP IV“ на кој македонската делегација од Младински образовен форум стигна до четвртина и до полуфинале, а една од дебатерките го освои четвртото говорничко место на турнирот.

Вкупно 36 дебатни тимови составени од по двајца студенти  дебатираа релевантни тези од областите на економијата и интернационалната политика, како и за насоките во кои функционира и треба да се менува општеството . Тие се натпреваруваа во форматот на Британска парламентарна дебата и имаа по 15 минути да ги подготват своите случаи.

Турнирот  содржеше 4 прелиминарни рунди,  четвртина финале, полуфинале и финале, а како претставници од Македонија учествуваа : Теодора Столевска и Мартин Божиновски кои стигнаа до полуфиналето на овој турнир, Иван Мицковски и Соња Митиќ кои стигнаа до четвртина финале и Огнен Јакасановски и Ѓорѓи Димески кои исто така стигнаа до четвртина финалето .

Покрај пласманите во полуфинале и четвртина финале, Теодора Столевска го имаше највисокиот личен пласман според говорнички поени и заврши како четврти говорник  од вкупно 72 дебатери.