Четврти Студентски пленум во среда пред платото на УКИМ

Студентската автентична иницијатива Студентски пленум објави на својата Фејсбук страница дека четвртиот по ред собир на студентите ќе биде во среда, во 12 часот пред платото на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што се одржа првиот состанок на оваа инцијатива.

Студентите почнаа да организираат собири пред повеќе од две недели на кои се разговараше за најавата на Министерството за образование да воведе екстерно тестирање во високото образование.

Ставот на студентите е дека ваквиот потег на Министерството би било против Уставот и правото на образование на секој студент и правото на автономија на секоја образовна институција.

Претходно, Студентски пленум организираше собир пред Ректоратот на УКИМ со цел прашањето за екстерното тестирање да биде точка на дискусија на состанокот помеѓу ректорот и универзитетскиот Сенат, но и три средби на кои се дискутираше за ова прашање.

Од Студентски пленум објавија дека организираат студентски марш на 17 ноември по повод меѓународниот ден на студентите. Овој студентски марш има за идеја обединување на студентското тело во Македонија, потенцирање на проблемот околу (не)репрезентативноста на Студентскиот парламент при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и поттикнување на студентскиот активизам.