Четврти Студентски пленум – студентите креираат стратегија против екстерното

„Образовниот систем се распаѓа. Кога нешто се распаѓа, треба да се залечи, а не врз болното да се наметне нов систем кој е подеднакво нефункционален“, се слушаше пред платото на УКИМ, на денешната четвртата средба на Студентскиот пленум.

Денешната средба на која присуствуваа педесетина студенти, меѓу кои беа присутни и координаторите на Пленумот, имаше консултативен и информативен карактер. Присутните можеа да предложат како да се дејствува понатаму, каде студентите да побараат помош и кој е тој кој треба да ги поддржи и да им помогне. Студентскиот пленум, кој има хоризонтална поставеност, повикува да се пријават координатори за студенти од сите факултети. Воедно повикуваат и професорите кои ги поддржуваат да застанат до нив и да им помогнат онака како што можат и умеат. Денеска тие во мала кутија собираа и скромни финансиски донации за материјали за протестите .

10752072_10205230090380490_1880070681_n„Бараме да се решаваат проблемите во високото образование со тоа што ќе се применат веќе постоечките механизми. Конкретно, ако од Министерството за образование и наука сметаат дека истите се болни и неефикасни, мнозинството студенти предлагаат да се лечат и стават во функција. Екстерно тестирање или државен испит би бил само уште еден нов механизам кој повторно не гарантира успех“, вели З.Д, студентка од Економски факултет и една од координаторите на Пленумот.

За време на четвртиот Пленумот најавија дека во моментов ги формираат работните групи кои ќе се бават со потребите на организацијата и ќе ја анимираат јавноста за сите студентски проблеми. Повикуваат секој кој има вишок креативна енергија и кој би можел да им помогне, да го стори тоа.

„Повикуваме сите граѓани кои ја поддржуваат иницијативата на 17-ти ноември во 12 часот пред платото на УКИМ да излезат и да маршираме заедно за своите права. Исто така, сите студенти, граѓани и луѓе кои сакаат да ни помогнат на било каков начин, можат да нѐ контактираат на e-mail адресата plenum.studentski@gmail.com, Твитер профилот @studentplenum1, или на Фејсбук страната Студентски пленум“, објаснува за Радио МОФ студентката А.Ц во име на Студентскиот пленум.

10751723_10205230097020656_1614879673_nphoto.php 1Денеска тие ја соопштија рутата за Студентскиот марш во понеделник. Присутните ќе тргнат од Ректорат, ќе поминат покрај зградата на Владата на Република Македонија, а конечната дестинација ќе биде Министерството за образование и наука. По пат симболично ќе го „погребаат“ Студентскиот парламент на УКИМ. Велат дека се надеваат дека на маршот ќе има голем одѕив, и повикуваат на солидарност од сите граѓани кои се против екстерното тестирање во високото образование.

„Не мора да бидете студенти за да нѐ поддржите. Секоја поддршка ни значи“, додаваат од Пленумот.

Стефанија Тенекеџиева