Четврти ден протести во Белград – повредени новинари, обид за влез во парламентот и напад со нож

Протестите во Белград, но и во неколку други градови низ Србија кои првично беа иницирани од револтот на граѓаните поради предложените мерки за справување со коронавирусот продолжија и вчера. Како што пренесува српски „Н1“ група демонстранти во еден момент ја пробиле оградата пред парламентот, но потоа биле разбиени.

Во текот на вечерта демонстрантите повеќепати пробаа да влезат во парламентот и употребуваа петарди и факли, а полицијата возврати со солзавец.

Министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, претходно изјави дека пред парламентот се случуваат брутални сцени на насилство, но и дека полицијата морала да реагира за да го заштити јавниот ред и мир.

„Има насилство и кршење на прозорци и инвентар во парламентот, на камерите на зградата, напад на вратата и обид да се повредат полицајци врз кои се фрлаат камења“, рече Стефановиќ кој се вклучи директно во програмата на телевизија „Прва“.

Новинарката Гордана Суша, во разговор за „Н1“ вели дека протестите се „киднапирани“ од десничари.

„За жал, тие киднапираа мирен ненасилен протест на граѓаните на Белград и денеска тие се победници“, рече Суша.

Таа додаде дека власта со нив лесно се координира, и дека тоа е причината зошто имало малку полиција во градот. Во однос на изјавата на министерот за внатрешни работи, Суша истакна дека не знае каде Стефановиќ видел реакција на полицијата.

За време на вчерашниот протест во Белград, еден демонстрант е нападнат со нож, а од полицијата соопштија дека е уапсено едно лице поради сомнеж дека после расправија, со нож продобдел 32-годишен маж во пределот на десната нога.

На протестите е повреден фоторепортерот на „Бета“ Милош Мишков кој се здобил со повреди на главата, а бил згрижен и од брзата помош. Подоцна Мишков бил задржан во ургентниот центар, а како што пишува „Бета“ нападната е и неговата колешка Светлана Дојчиновиќ која со камен е погодена во раката.

На мета на еден од демонстрантите се најдe и репортерот на „Н1“ Петар Гајиќ на кого му го турнаа микрофонот од рака за време на јавување во живо. Истата личност претходно, како што јавува „Нова“ ја нападнало и новинарката Милица Божиновиќ, заканувајќи се дека ќе и ја искрши опремата.

фото: Н1 скриншот

За време на протестот нападната беше и екипата на „Ал Џазира“, односно, новинарката Наталија Лучиќ и снимателот Тарек Ани. Репортерите минале без повреди, но, искршена е нивната опрема.

Порталот „Курир“ исто така објави дека се нападнати тројца нивни новинари.

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) им понуди правна, психолошка, медицинска и заштитна опрема на новинарите и потенцираа дека тие последните неколку денови се соочуваат со голем број напади и оневозможување да ја вршат својата работа, која е од исклучителна важност за информирањето на граѓаните.

„Во контакт сме со меѓународни и домашни организации и институции, и редовно ги известуваме за се што се случува на терен. Од организациите бараме различна поддршка, а од институциите да ги преземат мерките кои се во нивна надлежност како би се расчистиле нападите врз новинарите, а извршителите да се соочат со правдата“, стои во соопштението на НУНС.

Вчера се протестираше и во Ниш, Лесковац, Врање, Ваљево, Чачак, Вршац и други градови, а во Нови Сад демонстрантите пробаа да го блокираат автопатот кон Белград, но во намерата ги спречи кордон полиција со опрема за растурање демонстрации.

фото: 021.rs

Откако не успеаа во нивната намера тие се вратија во центарот на градот, меѓутоа, таму не се задржаа долго и повторно почнаа да маршираат, пишува „021“.

Граѓаните на чело на колоната носеа транспарент „кој тебе со пендрек, ти него со револуција“. Основните барања на протестот во Нови Сад се оставка на директорот на полицијата Владимир Ребиќ, министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, градоначалникот Милош Вучевиќ и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Граѓаните меѓудругото, бараат и оставка од кризниот штаб.

Претседателот на државата намерата на демонстрантите за блокирање на автопатот ја оцени како „чист тероризам“ и додаде дека „зад тоа стои одреден опозициски политичар“. Вучиќ нагласи дека бројот на потенцијално заразени расте за 40.000 луѓе поради собирите на луѓето во Белград, за кои смета дека ги има во бројка од три илјади.