Четворица поети во фокусот на првиот Зимски поетски фестивал во Скопје

Во Младинскиот културен центар во Скопје во вторник (8 декември) ќе биде отворен првиот Зимски поетски фестивал на Струшките вечери на поезијата. Фестивалот ќе трае до 11 декември, а во фокусот ќе бидат четворица врвни поети од земјава и странство, кои ќе имаат можност преку предавања да го претстават своето творештво.

Годинашни учесници на новиот Зимски поетски фестивал се Мохамед Бенис од Мароко, Александар Шурбанов од Бугарија, Душко Новаковиќ од Србија и Виолета Танчева-Златева од Македонија.

Според програмата, во среда свое претставување ќе има мароканскиот поет Бенис, кој најпрво ќе одржи предавање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а вечерта ќе има поетски портрет и читање поезија. Следниот ден е посветен на поезијата на бугарскиот поет Шурбанов, петокот ќе биде резервиран за српскиот поет и преведувач Новаковиќ, додека последниот фестивалски ден е резервиран за добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2015 година Танчева – Златева.

Учесниците на фестивалот ќе бидат објавени во едицијата „Плејади“.