Четиринаесетгодишно девојче ќе стане најмлад член на поларна експедиција во историјата

Џејд Хамејстер, тинејџерка од Авсралија, ќе биде најмладата личност која стапнала на три поларни региони.

Таа ќе одлета од својот роден град Мелбурн вечерва, од каде ќе се упати кон Северниот пол за експедиција на која ќе треба да помине повеќе од 2000 километри на три одделни патувања: до Северниот пол, Гренланд и Јужниот пол.

Овие три патеки заедно се нарекуваат Поларниот хет-трик, а експедитивниот тим ќе ги помине засебно. Авантурата на Северниот пол ќе се случи во наредниот 21 ден, преминот низ Гренланд ќе се случи во април 2017 и конечно, патувањето на Јужниот пол е закажано за летото 2017 година.

Хамејстер ја добила идејата за епското патување од жена од Исланд, која ја запознала кога планинарела до Базниот камп на Еверест кога имала 12 години. Жената сама била на мисија на Јужниот пол, па ја инспирирала младата Џејд да започне своја авантура.

„Една година подоцна решив дека навистина сакам да го направам ова и станав опсесивна“ вели таа за Mashable. „Тренинзите започнаа веднаш откако дознавме дека можам да се подложам на патувањето на оваа возраст“, додава.

Таа вели дека нејзиното семејство разговарало со експерти и авантуристи за да бидат сигурни дека таа смее да оди на таква мисија на само 14 години. Вели дека најголем ризик е да не успее.

„Малку сум возбудена, малку нервозна. Нервозна поради сите предизвици со кои ќе се соочиме“, вели таа. „Има нешта како пловечки мраз во морето, па би можеле да паднеме во мразот на Арктичкиот Океан. Исто така ќе преминуваме на отворено море, каде некој ќе се качи на сплав и ќе влече некој друг преку водата“, објаснува таа.

За да се подготви за опасното патување, Хамејстер почнала да тренира интензивно пред една година. На почетокот на годинава, присуствувала во тренинг камп во Нов Зеланд, каде учела вештини на преживување и скијање.

Експедицијата, која ќе биде документирана од National Geographic, ќе започне на 4 април, кога Џејд од Осло ќе се премести во привремената база. Со неа ќе биде нејзиниот татко Пол, кој се има искачено на Монт Еверест, како и познатиот поларен водич, Ерик Филипс, кој е првиот Австралиец кој заедно со својот партнер скијал преку Северниот и Јужниот пол.