Четири студенти застрелани од полицијата на протести во Папуа Нова Гвинеја

И покрај јавувањата на медиумите дека четири студенти се убиени во универзитет во Порт Морезби, премиерот Питер О’Нил вели дека студентите биле само повредени.

Полицијата на Папуа Нова Гвинеја наводно убила четири лица откако „пукала директно“ во толпата студенти, кои протестираат во Порт Морезби, пренесува Guardian.

Опозициски пратеници во парламентот соопштиле дека четири студенти се убиени, а седуммина повредени во инцидентот кој се случил утринава, но владата тврди дека демонстраторите се само ранети и полицијата испукала „неколку куршуми како предупредување“.

Студентите на кампусот на Универзитетот на Папуа Нова Гвинеја протестираат и ги бојкотираат предавањата веќе пет недели, со барање премиерот Питер О’Нил да даде оставка поради обвинувањата за корупција со кои владата се соочува веќе две години.

Мирните протести на кампусот станаа насилни кога вооружената полиција ги спречи студентите да се качат во автобус и да го преселат протестот пред парламентот изутринава.

Потоа полицијата стрелала кон толпата и го уапсила претседателот на студентската унија, Кенет Рапа.

Џералд Пени, студент, за АВС изјавил дека полицијата „стрелала директно кон толпата и многу од студентите паднале, повредени“.

Други студенти јавиле дека полицијата ги бркала демонстрантите и пукала кон нив во предградието на Порт Морезби.

Сепак, премиерот О’Нил тврди дека „крвта на повредените студенти е од рацете на политичарите и криминалните елементи кои ги поддржуваат протестите“.