Четири саудиски принцези се заробенички поради нивните ставови

Сахар, Маха, Хала и Џавахир Ал Сауд се ќерки на неодамна починатиот крал на Саудиска Арабија, Абдула бин Абдулазиз. И покрај припадноста на кралската лоза, четирите жени се затворенички, затоа што веруваат дека жените во земјата треба да имаат права и затоа што ги искажуваат своите верувања на социјалните мрежи.

Иако покојниот крал Абдула бил во конфликт со ќерките уште пред 15 години, тој дефинитивно се откажал од нив кога сестрите јавно обвиниле дека жени во Саудиска Арабија незаконски се апсат и се сместуваат во психијатриски институции.

Минатата година, повеќе медиуми стапиле во контакт со две од сестрите: Сахар (42) и Џавахир (38), кои живеат одвоено од Маха (41) и Хала (39). Во интервју за РТ, сестрите изјавија дека им снемува храна и вода во импровизираниот куќен притвор во кој се сместени.

Во друго, имејл интервју, во јуни лани, Сахар објаснила зошто таа и нејзините сестри се прогласени за отпаднички во саудиското општество.

„Ние, заедно со нашата мајка, секогаш гласно ги искажувавме ставовите за сиромаштијата, правата на жените и други каузи кои ни се блиски до срцето. Често и дискутиравме за ова со нашиот татко. Тој и неговите синови Митаб и Абделазиз не се согласуваа со нашите ставови. Уште оттогаш сме цел на нивниот гнев. Цел живот не третираа лошо, но работите се влошија во последните 15 години. Кога Хала почна да работи како практикантка во болница во Ријад, таа откри дека политички затвореници се дрогираат и се сместуваат во психијатриски оддели, за да се засрамат и дискредитираат. Откако се пожали кај надлежните, таа беше укорена, а потоа добиваше заканувачки пораки да се повлече. Состојбата се влоши и ние откривме дека и нашата сестра ја дрогирале. Хала беше киднапирана од нејзиниот дом, оставена во пустината, а потоа фрлена во женскиот затвор во Ријад. Таа стана уште една жртва на системот, како таканаречените „пациенти“, политичките затвореници на кои се обиде да им помогне. И јас, Маха и Џавахир бевме дрогирани во други прилики. Ни кажаа да се откажеме од секоја надеж дека некогаш ќе имаме нормални животи“, изјави принцезата Сахар во интервјуто.

Покојниот саудиски крал Абдула со неговите четири ќерки, на почетокот на 80-те

Покојниот саудиски крал Абдула со неговите четири ќерки на почетокот на 80-те

Таа во видеопорака ги повика сите жители на големата арапска држава да се побунат против режимот на власта.

„Поздрав за мачениците и за слободните луѓе кои се во затвор. За мене е чест да го научам значењето на слободата, правата и дигнитетот од вас, револуционерни луѓе. Ветуваме дека ќе ги следиме вашите стапки и дека нема да ја пуштиме вашата рака. Раката на Господ ќе биде над сите нас. Научивме многу за решеноста од ајатолахот Нимр ал-Нимр, шеикот на слободните луѓе. Од оваа причина, ќе продолжиме напред по нашата патека, по наша сопствена волја. И ќе победиме, со верба во Бога. Со среќа, вие кои не почестивте со подигањето на знамињата на слободата. Вашите сестри, Сахар и Џавахир“, вели Сахар во пораката.

Според сестрите, тие се во изолација и сами, а често се предмет на изживување и измачување.

„Ние сме заложнички. Никој не смее да дојде да не види, а и ние не смееме да одиме никаде. Нашиот татко е одговорен за ова, а нашите полубраќа, неговите синови, се соучесници во оваа трагедија. Јас и моите сестри често сме тепани со стапови од страна на мажи, меѓи кои се и нашите полубраќа. Нашиот татко, кралот, им нареди на своите синови да продолжат со ваквиот третман и по неговата смрт“, вели Сахар Ал Сауд.

Четирите сестри и нивната мајка, Алануд Ал-Фајез, одржуваа профили на Твитер, преку кои известуваа за нивната положба. Но, профилите од јануари се избришани, а во моментов никој не знае каде се наоѓаат жените. На Твитер, корисниците продолжуваат да изразуваат поддршка за принцезите, преку хаштагот #FreeThe4.

Саудиска Арабија е еден од најважните сојузници на Соединетите Американски Држави во светот. Активистичките организации со години го критикуваат премолчувањето на американските власти на страотните кршења на човековите права во оваа земја. Во јануари, кога почина кралот Абдула, поголем дел од западните државници и високи функционери го величаа монархот. Американскиот државен секретар Џон Кери го нарече „човек од мудрост и визија“, а претседателката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард дури изјави дека кралот Абдула „се залагал за жените“. На неговиот погреб, покрај американскиот потпретседател Џо Бајден, присуствуваа и претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган.

Извор