Четири потврдени имиња за Таксират #21

На 7 декември во скопскиот СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одржи 21. издание на фестивалот „Таксират“, за кој досега се потврдени четири имиња на музичкото мени.

На главната фестивалска вечер досега се најавени „Чејс енд статус“ (Chase & Status), британските бејс продуценти и херои на електронската сцена, кои според најавите спремаат моќен сет за финалето на Таксират #21.

Ќе настапуваат и авторите на светскиот хит „Young Folks“, Питер Бјорн и Џон. Организаторите велат тие на аудиториумот треба да испорачаат „креативната и уникатната хемија“.

„Повеќе од две децении посветеност и свирење низ различни координати на светот, секој нивен албум звучи како прво заљубување во музиката“, соопшти „Таксират“. 

Од таму сметаат дека не треба посебна најава за „Хладно пиво“, вклучени во фестивалска агенда. За „Хладно пиво“ единствено пишува дека доаѓаат на „Таксират“ за да одржат лекција која спојува генерации.

Исто така, најавено е дека по шест години, повторно на фестивалот се враќа најголемиот хип-хоп колектив од Србија – „Белградски синдикат“.

„Легендите од Дорчол на 7-ми декември во СЦ ‘Борис Трајковски’ ветуваат енергичен настап со гласни пораки без забранети теми“, велат организаторите.

Инаку, овогодинешниот „Таксират“ ќе се одржува на три фестивалски бини, под мотото „Преврти го Скопје наопаку“.
Билети можат да се набават ТУКА.