Четири оздравени лица, 48 новозаразени со коронавирусот меѓу кои и новинар

Нови 48 случаи на дијагностицирани со коронавирус се регистрирани во државава, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. По градови, нови случаи има во Куманово 25 лица, 11 случаи во Скопје, четири во Прилеп, три во Струга, два во Гостивар и по еден случај во Тетово, Штип и Охрид. Големиот број на пациенти кои што се дијагностицирани во Куманово, посочи Филипче, се пациенти кои се прателе и биле со препорака во самоизолација, а во меѓувреме развиле симптоми, поради тоа што биле во контакт со претходно дијагностицираните заболени лица од Куманово.

Во меѓувреме, од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со два негативни теста на Ковид-19 се испишани три оздравени пациенти, двајца од Тетово и еден од Куманово. Исто така, два пати негативен и оздравен е пациент од Скопје кој се лекувал во домашни услови.

Таму денеска се примени двајца нови пациенти, а моментално се хоспитализирани 66 пациенти, од кои осум се на механичка вентилација со тешка форма на болеста.

„Во болницата „8-ми Септември“ има хоспитализирано 21 пациент, од кои што шест се пациенти на респираторна машина, значи дека имаат исто така, како и другите пациенти на клиниката тешка форма на манифестација на болеста“, додаде Филипче.

Голем број тестови се направени во истражниот затвор Шутка каде вчера почина притвореник кој таму претстојувал од 8 март, а посмртно му бил дијагностициран вирусот, посочи Филипче.

„Интензивно се работи со луѓето таму, направени се интензивни прегледи од лекарски тимови, тие продолжуваат и во текот на утрешниот ден и во недела. Земени се голем број на тестови, вчера во текот на денот 30-тина, денеска исто така, ќе се анализираат и клинички прегледаат сите луѓе кои се таму вклучително и персоналот, вработените во затворот“, објасни Филипче.

Со коронавирус е заразена и вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство која повеќе од една недела не одела на работа, а Филипче посочи дека седум нејзини колеги кои што биле во контакт со неа се во домашна изолација. Дополнително, додаде дека во објектот се работи на детална дезинфекција и чистење.

Негативни на Ковид-19 се претседателите на партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, откако со вирусот е дијагностициран новинарот Гоце Михајлоски од телевизијата „Канал 5“ кој претходно имал ТВ-интервјуа со нив. Истовремено, претседателите на партиите од денеска се во задолжителна самоизолација.

Филипче посочи дека ваквата состојба нема да трае долго доколку сите се придржуваат до мерките, а додаде дека е важно што има линеарен пораст на бројот на пациенти. Според него, тоа значи дека успешно се амортизира ударот во однос на бројот на пациенти кои се примаат во здравствените институции.

„Постојано ја следиме состојбата, одлуките ги носиме согласно состојбата, а крајната цел е што повеќе да го намалиме ризикот по здравјето на секој поединец и здравјето на сите граѓани“, рече Филипче.

Во изминатото деноноќие направени се 496 тестирања за коронавирусот, а со новите случаи, вкупната бројка на дијагностицирани се искачи на 711 лица. Досега во земјава се направени вкупно 7.067 тестирања на Ковид-19.

М.К.