Четири музички документарци како загревање на „Скопје синема сити“

Филмскиот фестивал „Скопје синема сити“ на 8 и 9 март во Кинотека на Македонија ќе го одржи својот полугодишен настан „Загревање“ каде во овие два дена ќе репризира четири филмови од минатогодишната редовна програма на фестивалот.

Настанот ќе го отвори филмот „Кода“ за јапонскиот филмски композитор Руичи Сакамото, кој минатата година беше уметник во фокус и ја доби наградата за достигнувања во музиката и филмот.

„Кода“ е портрет на овој истакнат уметник кој покажува неколку страни од неговата личност – неуморен автор, постојан патник, борец и активист за социјална правда и екологија. Освен со  таа страна, филмот се занимава и со неговата борба со ракот на грлото кој тој успешно го победи.

Останатите три филма се за „Студиото Ханса“ во Берлин каде во различни периоди снимале Боуви, U2, „Депеш мод“, Ник Кејв, Сакамото, Дејвид Силвијан, потоа филмовите „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“ и „Буена виста соушал клуб адиос“. Бил Еванс е една од најголемите џез-легенди и сигурно еден од најголемите пијанисти. Во филмот за него зборуваат неговите најблиски соработници и семејство за да се долови ликот и делото на овој истовремено генијален но и измачен уметник. „Буена виста соушал клуб аадиос“ е втор филм за кубанскиот буена виста феномен кој пред 20 години го освои светот.

Проекциите се од 20 часот во Кинотека на Македонија.